КАКОВ СИНДИКАТ ИМ Е ПОТРЕБЕН НА НОВИНАРИТЕ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

30.03.2009_novinari

30.03.2009

Претставниците на медиумите се согласни во едно - дека новинарскиот сталеж треба да има силен и организиран синдикат. Мислењата се разликуваат за понатамошните етапи на организирање. Во секој случај пожелно е да се изјаснат новинарите од сите медиуми...


 

 

 

Триесеттината новинари од македонските медиуми два дена, на 27 и 28 март, се согласија дека новинарскиот сталеж во Македонија треба да биде синдикално организиран, односно треба да има свој синдикат. Исто така треба да се изврши сондажа на мислењата, да се соберат сите ставови за тоа каков синдикат е потребен. Прашањата се дали идната шема да биде во рамките на постојниот ГИФИХ, дали да се промени називот, дали да се формира нов новинарски синдикат, кој да биде профилот на идното раководство, во смисол дали водечка улога да имаат само новинарите, каков статус во синдикатот ќе имаат новинарите кои се непријавени, односно оние кои работат на црно.

За многу прашања и дилеми се дискутираше на дводневната средба во Охрид, што ја организираа Сојузот на синдикатите на Македонија, синдикатот ГИФИХ и Фондацијата “Фридрих Еберт“. Меѓутоа, повторно се потврдија два клучни факта. Прво, созреваат условите за синдикално организирање на новинарите. Потврда е самото одржување на средбата, чија концепција беше размена на мислења и одговор на прашањето: што понатаму?

Второ, факт е дека македонските новинари тешко ги усогласуваат мислењата. Последното советување на истата тема е одржано пред три години и дури сега наново се разговара на истата тема. Што е причината за оваа чудна летаргија, малодушност и пасивност, па и очигледниот страв за искажување на сопственото мислење?

Добар одговор можеби даде Мира Костиќ од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и медијатор на средбата. Костиќ рече дека понудата на пазарот на новинарскиот труд е многу поголема од побарувачката. Многу млади кои не можат да најдат работа во струката или знаат што да прават со себе се обидуваат во новинарството. Ситуацијата ја користат сопствениците на медиумите, кои ја уриваат цената на трудот и во многу случаи ги злоупотребуваат позицијата на новинарите.

Оттаму всушност не е познат ни вистинскиот број на новинарите во Македонија. ЗНМ има околу 1.500 членови, но таму не членуваат сите вработени новинари. Уште помалку е познат бројот на новинарите чиј статус не е решен и кои сигурно не се малку. Никој не знае колку луѓе работат за хонорар, со договор за дело, што во основа е класично работење на црно, реќе Зоран маџоски, фри ленсер од Гостивар. Како што посведочија некои од присутните, има случаи камерман во приватна телевизија да добива месечен хонорар од 4.000 денари. Класична експлоатација постоји дури и во јавните сервиси, додека во приватните се установени како правило. Лицата кои до голем дел ја полнат програмата или страниците со години работаат практично “на мускули“, за надомест од неколку илјади денари.

Ни вработените, уредно пријавени новинари не можат да се пофалат дека живеат добро од новинарството. Колегата Лири Лена од програмата на албански јазик на “Македонско радио“ информираше дека во соседна Албанија, која се гледаше на хоризонтот, просечната плата на новинарите изнесува 800 евра. Депримирачки делуваше признанието дека “ние тука ќе се потепаме меѓусебе за двеста до триста евра“.

Можеби поради овие состојби владее чудна состојба другите занимања, како текстилните работници, полицајците, медицинарите, наставниците, јавната администрација, хемичарите, рударите, земјоделците и другите, да имаат добро организирани синдикати, додека новинарите тешко се организираат во овој правец. Исплашени, искористувани, дури и понижувани, македонските новинари не веруваат дека фелата има сила отворено да се бори за своите автентични барања во ова општество.

На средбата доста се дискутираше околу другите прашања. Дали ГИФИХ (полн назив: Синдикат на  графичката, информативната, филмска, издавачка дејност и производство на хартија) е соодветна форма за понатамошна организација на сталежот? Моментно во ГИФИХ членуваат повеќето вработени од Македонската радиотелевизија, Македонската информативна агенција (МИА) и редакцијата на “Утрински весник“, која е единствен дневен весник со сопствена синдикална организација. Од заминувањето на поранешниот претседател Петре Клинкаров во пензија и оставката на Маја Томиќ од “Утрински весник“ како претседател ГИФИХ нема претседател, додека активностите ги води секретарот Милка Манева.

Некои новинари сметаат дека добро решение е да се формира, односно да се активира посебен одбор на новинари во рамките на ГИФИХ. Синдикатот е регистриран, има простории, така што тоа е солидна основа за понатамошните фази на организирање.

Мира Костиќ изјави дека грото од новинарите не можат да го препознаат својот интерес во ГИФИХ и дека работите треба да се организираат во друг правец. Се споменува алтернатива за формирање на независен синдикат на новинари. Тука интервенираше Пецо Грујовски, генерален секретар на УПОЗ, инаку на собирот во улога на уводничар. Тој објасни дека сите 17 синдикати во ССМ се самостојни и доброволно здружени во поширокото семејство на синдикатите. Така и идниот синдикат на медиумите, со старо или ново име, ќе биде потполно и апсолутно самостоен, како што се другите грански синдикати. Кога веќе постојат стартни услови, во основа постои и формиран синдикат, зошто да не се искористи базата со која се располага? Не е едноставно да се тргне од нула, да се плаќаат простории, да се купат комјутери и телефонски линии, посебно што е неизвесно дали утре ќе стигнува некаква членарина. Токму поради истите причини досега пропаднаа неколку обиди за формирање синдикат.

Помеѓу останатото, пречка е и самиот назив ГИФИХ. Идниот синдикат треба да носи поинаков назив - се слушнаа предлози за Синдикат на новинарите, Синдикат на вработените во медиумите, Новинарски синдикат.

Но оттука произлегува друго суштинско прашање - каде ќе се најдат другите вработени во медиумите, лицата кои не се новинари? Прашањето не е едноставно, затоа што “чистите“ новинари се всушност малцинство во медиумите. Во групацијата “ВАЦ“ од 630 вработени новинари се само 130, додека размерот во телевизиските куќи е веројатно уште поголем, од еден спрема десет до еден спрема дваесет, зависно од типот на прилогот. На советувањето повеќе пати самите учесници признаа: “ние сме суетни суштества“, но трудот на другите не може да биде занемарен. Прилогот на новинарот не може да се подготови без учество на компјутерските техничари, преведувачите, секретарките, дактилографките, печатарите, возачите, во поширок смисол и без кафекуварките и хигиеничарките.

Драган Антоновски од “СИТЕЛ“ смета дека интересите на телевизискиот новинар се поинакви од интересите на камерманот и затоа идниот новинарски синдикат треба да биде само на новинарите. Мира Костиќ е на мислење дека во синдикатот треба да членуваат сите вработени вио медиумите, со доминантна улога на новинарите. Инаку никој нема ништо притив во синдикатот да останат да членуваат издавачите, печатниците, производителите на хартија и другите блиски дејности.

Така и овој собир покажа дека македонските новинари имаат повеќе прашања отколку одговори за сопственото синдикално организирање. Следната средба е закажана за 10 април, кога можат да се очекуваат поконкретни ставови. Сепак е подобар рок од три години, што е знак дека македонските новинари ќе направат чекор напред.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc