КАКО ДО ЕВРОПСКИ СТАНДАРДИ ЗА ЗАШТИТА ПРИ РАБОТА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

8.04.2009

Ќе бидат потребни најмалку четири години за  усогласување на македонската легислатива со европските норми, проценуваат од Македонското здружение за заштита при работа...

 

Во Македонија е голем проблем да се соберат точни податоци за повредите, заболувањата и несреќите при работа. Податоци обработуваат шест институции и по правило нивните извештаи се различни. Од друга страна, Република Македонија треба да ја усогласи сопствената легислатива со европските стандарди, за што ќе бидат потребни најмалку четири години. Првата година треба да се направат анализи, втората да се обработат предлози, третата е за имплементација, четвртата за едукација.

Ова е проценката на Снежана Јанкова Петковска од Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР), изнесена на тркалезната маса, што се одржа во Скопје на 6 април, во организација на Фондацијата “Фридрих Еберт“. Учесниците и предавачите расправаа околу прашањето дали македонското законодавство може да се прилагоди со европските норми.

Наташа Пилатова Пеловиќ од МЗЗПР објасни дека Европска статистика за несреќи при работа (ЕСНР) е проект што започнува во 1990 година. Подоцна се донесени резолуции, програми и други документи, со цел сите европски земји да имаат унифицирана методологија за евиденција. Инаку само методологијата на ЕСНР зафаќа над 200 страници. ЕСНР не се само податоци, туку и превенција и анализи, што е потполно различен и многу поширок концепт од оној што сега се применува во Македонија.

Во Република Македонија, иако во 2007 година е донесен Закон за безбедност и здравје при работа, неповолните состојби тепко се менуваат. Податоци обработуваат Државниот завод за статистика, Републичкиот завод за здравствена заштита, Државниот инспекторат за труд, Фондот за здравствено осигурување, Институтот за медицина на трудот и Македонското здружение за заштита при работа. Нивните податоци се разликуваат, и тоа не само за бројот на повредите, туку и за смртните случаи. Така, една институција за 2008 година има изброено четири, друга осум смртни случаи. Таква неусогласеност е редовна појава, изјавија учесниците на тркалезната маса. Обрасците за евидентирање се од 1977 година и оттаму скоро не допираат со европските стандарди.

Меѓу другите норми треба да се внесе меѓународната номенклатура на болести и меѓународната класификација на занимањата. Посебна област се професионалните заболувања, за кои во 2007 година е поднесена 31 пријава, додека во 2008 година само шест пријави, што само по себе е причина за длабока анализа.

Ненад Пеловиќ, информатичар ангажиран во МЗЗПР, ја претстави македонската верзија на софтверот на обрасците на ЕСНР. Во ЕСНР се внесуваат 55 варијабли, односно податоци за секоја, дури и најситна повреда при работа.

Софтверот секако е чекор напред, но најголемата пречка за внесување на европските стандарди е економската состојба на Република Македонија. На безбедноста на работниците не се постветува посебно внимание и оттаму очигледниот недостаток на волја и мотиви за имплементација на европските норми. Во секој случај, за безбедноста при работа засега во Македонија се поставуваат повеќе прашања отколку што има одговори.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc