ИДНАТА НЕДЕЛА МАСОВЕН ШТРАЈК НА ЈАВНИТЕ СЛУЖБИ ВО ХРВАТСКА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

6.05.2009

Осум синдикати во Хрватска следниот вторник, на 12 мај, организираат штрајк на вработените во државната администрација и јавните служби. Се проценува дека ќе протестираат од 100.000 до 180.000 лица...

 

Следниот вторник, на 12 мај, во Хрватска почнува масовен штрајк на вработените во администрацијата и јавните служби, известуваат хрватските медиуми. Причина за штрајкот е одлуката на Владата со која платите се намалени за шест отсто. Се очекува дека ќе излезат од 100.000 до 180.000 лица, што ќе биде еден од најмасовните јавни протести во Хрватска.

На референдумот што го организираа синдикатите излегоа 72 отсто од вкупниот број членови на синдикатите. Од нив 86 отсто се изјасниле за штрајк. Исклучок е Хрватскиот лекарски синдикат, на чиј референдум не излегоа ни половина од членовите и затоа засега учеството на лекарите е неизвесно. Меѓутоа, со сигурност е најавено дека на протестите ќе се приклучат медицинските сестри и другиот персонал во здравството.

Хрватската Влада покажува вознемиреност од масовноста на закажаниот штрајк. Таа на синдикатите им понуди спогодба со која платите во јавниот сектор би дошле на нивото од минатата година во 2013 година. Вилим Рибиќ, претседател на Независниот синдикат на наука и високо образование, пред медиумите запраша: “кој би потпишал ваква спогодба?“ Рибиќ ја нападна и потпретседателката на Владата Јадранка Косор, по повод нејзината изјава дека на референдумот требало да се постави прашањето дали членството ја прифаќа владината одлука, а не да се оди со прашањето: “Дали ќе учествувате во штрајкот за достоинството и праведна цена на нашиот труд?“

Времетраењето на штрајкот ќе зависи од енергијата во луѓето, објаснуваат хрватските синдикати. Во четврток е закажан голем протест на плоштадот “Бан Јелачиќ“ во центарот на Загреб.

Некои од синдикатите се спремни да им исплатат дневници на членовите за сето време поминато во штрајк. Како што известуваат од синдикатите, во штрајкувачките фондови месечно се слеваат 10 отсто од секоја уплатена членарина. Најголема спремност за надокнадување на платите покажува Жељко Стипиќ, лидер на синдикатот “Препород“, додека од другите синдикати се повоздржани по ова прашање.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc