ЗОШТО ВО МАКЕДОНИЈА НЕ СЕ УТВРДУВА НАЈНИСКА ПЛАТА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

20.01.2008

Во 20 членки на Европската унија најниските гарантирани плати се одредени со закон, во осум истата функција ја обезбедуваат колективни договори. Во Македонија прашањето е во фаза на дневнополитички калкулации...

 

Политички маркетинг, борба за гласови, зголемување на рејтингот во јавноста – во овие рамки се сведува истапот на Радмила Шеќеринска, претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, со кој предлага закон за најниска плата.

Сојузот на синдикатите за истото прашање, регулирање на најниска плата, со години водеше борба со истиот СДСМ, во времето кога беше водечка партија на власт. Никој не го спречуваше Социјалдемократскиот сојуз да ги прифати нашите барања да се одредат двете категории, минимална и најниска плата. Понудивме прецизни пресметки, укажувавме на важноста на ова прашање, дури и попуштивме во висината на најниската плата, но до договор не дојде поради ароганцијата на тогашната влада.

Затоа сметаме дека предлогот не е искрен, туку дека во прашање се дневнополитички калкулации и собирање бодови на сметка на егзистенцијалните проблеми на македонскиот работник.

Не се подобри ни во владеачката партија ВМРО – ДПМНЕ, чија платформа гласи: платите треба да бидат ниски за да дојдат странски инвеститори. Од тие причини одбиваат секаков разговор на тема најниска плата. Практиката од другите земји покажува, меѓутоа, дека идејата е погрешна. Токму сериозните странски инвеститори бараат здрава економска клима, школувана работна сила, солидна инфраструктура и – регулиран статус во работните односи. Терминот “индустриски мир“ е овде непознат, но за странските инвеститори е еден од приоритетите за вложување.

Наскоро неизбежно ќе се стигне до ситуација “кој попрв“. Еден од условите што ги поставува Брисел е законски одредена најниска плата – како што е и социјалниот дијалог. Истите политички партии, кои досега не даваа “пет пари“ за “некаква си најниска плата“, набрзо ќе се растрчаат за да се покажат пред Европа дека тие се вистинските играчи.

За информација на политичките партии, постои разлика меѓу поимите минимална и најниска плата. Минимална плата е социјална категорија и ја одредува државата со закон. Најниска плата е економска категорија, пресметковна единица, според која се пресметуваат платите според коефициентите на сложеност. Таа се одредува со преговори меѓу трите социјални партнери: владата, синдикатите и работодавачите, а се озаконува со колективни договори.

 

ЕВРОПСКАТА ПРАКТИКА

Дваесет членки на Европската Унија имаат законски утврдена минимална плата. Според Еуростат, статистичката организација на Унијата со седиште во Луксембург, минималните плати се движат од 92 во Бугарија до 1.570 евра во Луксембург.

Според европската статистика минималните плати се делат во три групи. Во првата се Бугарија, Романија, Летонија, Литванија, Словачка, Естонија, Полска, Унгарија и Чешка, каде вработените добиваат минимална плата од 92 до 298 евра.

Во втората група се платите од 470 до 668 евра, каде спаѓаат Словенија, Португалија, Малта, Шпанија и Грција.

Во третата група се Франција, Белгија, Холандија, Велика Британија, Ирска и Луксембург. Инаку просечната минимална плата на дваесетте членки изнесува 676 евра.

Од јануари 2006 до јануари 2007 година сите европски членки кои ја утврдуваат најниска плата ги зголемија износите. Романија го зголеми износот за еден отсто, додека најмногу Холандија, 18 отсто.

Осум земји имаат помалку од три отсто вработени кои примаат најниска плата – Шпанија, Холандија, Чешка, Словенија, Велика Британија, Полска, Малта и Словачка. Од три до осум отсто вработени со полно работно време имаат Ирска, Португалија, Естонија и Унгарија. Во Романија, Литванија, Летонија, Луксембург процентот се движи од осум до 12 отсто, во Бугарија и Франција 16 отсто. Во целата Унија минимална плата добиваат 1,3 отсто од вработените.

Во повеќето членки бруто минималната плата се одредува на 50 отсто од просечната бруто плата во земјата, известува Еуростат. Според критериумот на пресметување Еуростат ги подели државите на четири групи: во првата се Романија, Естонија, Летонија, Полска и Словачка,  каде минималната плата е пониска од 35 отсто од бруто платата во земјата. Во втората се Велика Британија, Унгарија, Литванија, Чешка, Шпанија и Португалија, каде минималната плата се движи од 36 до 41 отсто од просечната бруто плата. Словенија и Холандија ја сочинуваат третата група, со 45, односно 46 отсто од просечната плата. Во последната група се Бугарија, Малта, Луксембург и Ирска, каде минималната плата изнесува 49 отсто од бруто просечната плата.

 

КОЛЕКТИВНИ ДОГОВОРИ ЗАМЕНА ЗА ЗАКОН

Додека 20 –те земји минималната плата ја одредуваат со закон (како и САД и Јапонија) осум членки минималецот го регулираат со колективни договори, и тоа на гранско ниво. Тоа се Австрија, Кипар, Данска, Финска, Германија, Италија, Норвешка и Шведска. Во сите земји синдикатите се залагаат за одредување на минимална плата, но во некои преовладуваат мислења дека минималната плата доведува до губење на работните места на нискоквалификуваните работници. Иако овие земји немаат законски утврдена најниска плата, сепак постои “функционален еквивалент“, кој се спроведува со високата улога на синдикатите. За пример, во Австрија работодавачите се принудени да членуваат во Австриската федерална стопанска комора и со тоа се добива “поврзан ефект“ со синдикатите. Односно, ако работодавачите се организирани, мораат да бидат и синдикатите. Италијанскиот закон содржи клаузула за фер плати, што во практиката значи дека секој вработен ќе прима минимална плата утврдена со колективен договор.

Од поблиските земји доста прецизни прописи има донесено Хрватска. Институцијата најниска плата не е регулирана со закон, туку со Националниот колективен договор, што го потпишаа трите социјални партнери – Владата, претставниците на синдикатите и на работодавачите. Во документот не е наведен номиналниот износ, туку дотаму се доаѓа преку одредување на  минималниот износ на кој се пресметуваат придонесите. Синдикатите во Хрватска не се премногу задоволни од “заобиколното“ пресметување и се надеваат дека со влегувањето на земјата во Европа ќе се воведе “вистински начин“. Инаку сега во Хрватска минималната плата изнесува 2.169 куни, што е 33,6 отсто од просечната плата.

Во Турција миималната плата изнесува 240 евра, додека крупен чекор направи Албанија. Од 1. јули, според одлука на албанската Влада, најниската плата е одредена на 16.500 лека (8.050 денари).

Владата на Република Македонија, како и сите досегашни влади, одредувањето на минималната плата го третира како табу – тема. Сојузот на синдикатите со години инсистира на одредување на минималната плата во двата општи колективни договори, за стопанство и за нестопанство. И организациите на работодавачите не се против одредување на најниска плата, но најголемиот отпор и понатаму го дава Владата.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc