ЗА МОБИНГОТ ДА СЕ ЗБОРУВА ЈАВНО

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

16.06.2009

Малтретирања и психолошки притисоци во работните средини во Македонија постојат, но за мобингот се уште се зборува само теоретски. Клучно е препознавањето на злоставувањата, беше кажано на денешната трибина...

 

 

Оној момент кога ќе се донесе посебен закон за мобинг, кога судството ќе научи да ги препознава случаите и кога поедините стории ќе најдат свое место во медиумите ќе може да се констатира дека во Македонија се вклучува во светскиот тренд на борбата против мобингот. За малтретирањата во работните средини се повеќе се зборува, но се уште не е документиран ни еден конкретен случај, иако има илјадници примери на злоставувани работници, па и самоубиства. Се знае доста за состојбите во светот, се пренесуваат другите искуства, но сите дискусии се уште се водат на теоретско ниво.

Отприлика овие заклучоци се наметнуваат од денешната трибина “Мобинг – психички притисок на работното место“, што ја организираа Сојузот на синдикатите на Македонија, Фондацијата “Фридрих Еберт“ и Македонското мобинг здружение. Истиот наслов го носи и првиот прирачник за мобинг во Македонија, кој беше промовиран на трибината.

Денешната трибина можеби може да се смета за еден чекор напред во постепеното инсталирање на мобингот во македонското секојдневие. Еден факт сепак е сигурен – интересот за феноменот е огромен. Потврда се не само предавачите и организаторите, туку доброволното присуство на доста млади луѓе во публиката, во добар дел од инженери за заштита при работа од Македонското здружение за заштита при работа, кои очигледно дојдоа да слушнат нешто повеќе за планетарниот феномен на мобингот.

Всушност не е можно одеднаш да се стекнат сите услови за донесување посебен закон, за основање нови институции, за целосно учество на Синдикатот, па и за подигање на свеста на граѓаните. Мобингот е толку широка и комплексна материја што бавно напредуваат дури и најразвиените земји. Само четири членки на Унијата (Шведска, Норвешка, Швајцарија и Франција) имаат донесено посебни закони против мобингот, додека кај другите се уште најмногу време се троши на броење на жртвите и на последиците по здравјето. За пример, агенциите во Унијата сведочат за 48.000 самоубиства годишно во ЕУ, директно предизвикани од мобингот, како и половина милион обиди за самоубиство.

Овие податоци важат за економски и социјално стабилни земји, додека Република Македонија е дополнително хендикепирана од економските и политичките прилики. Па и една соседна земја се судри со огромни проблеми – во Грција беше донесен закон за мобинг, кој после шест месеци и 120.000 судски спорови беше повлечен.

Клучно е препознавањето на мобингот, изјави Сауд Шеќерагиќ од Советот на Сојузот на синдикатите на Србија, кој ги пренесе искуствата од неговата земја и улогата на синдикатот во сузбивањето на мобингот. Во Србија се работи на донесување посебен Закон за спречување на малтретирање на работа. Сегашниот текст е десетта верзија по ред и се уште чека на усвојување.

Шумата не ја чува шумарот, туку стравот од шумарот, алегориски ја опиша ситуацијата околу мобингот Шеќерагиќ. Сведоци сме на најбезобѕирни злоупотреби на работодавачите. Сега во Србија е во тек приватизација, која може да биде поништена околу 60 отсто. Луѓето масовно се отпушаат, тие  штрајкуваат, ги отсекуваат прстите по судовите – накусо, состојбата е страшна за работниците.

Големите проблеми на земјите во транзиција се ограничувачки фактор за развивање на одбраната од мобинг. Сигурно е дека овие земји имаат и заеднички карактеристики на работните средини. Драган Мијакоски од Институтот за медицина на трудот ги пренесе резултатите од едно истражување во Босна и Херцеговина. Од анкетираниите лекари во здравството 76 отсто одговориле дека доживеале мобинг, додека 26 отсто се изјасниле дека трпат долготрајни протисоци.

Мијакоски информираше дека Институтот за медицина на трудот првпат почнал да оперира со мобингот во 2004 година. Институтот го име превземено прашалникот од Хрватска, чиј автор е Елвира Коиќ. Предавачот наведе дури и конкретни, иако неименувани случаи на препознавање на здравствените последици. Се случува некој да има напади на астма, со негативни алерголошки наоди. Во тој случај се оди на испитување на психосоцијалниот аспект на неговиот живот и се покажува дека здравјето на лицето е загрозено од психолошки притисоци на работното место.

За здравствените последици зборуваше Илија Дојчиновски, психолог во Кардиохирургијата “Филип Втори“. Тој ги запозна присутните со симптомите, последиците по психолошкаа состојба и по кардиоваскуларниот и ендокриниот систем. Мобингот во основа е долготраен, перманентен стрес, кој може да го разори здравјето. Германските научници утврдиле дека срцевите аорти можат да се истенчат во дебелина од влакно од коса само поради изложеност на перманентен стрес, објасни Дојчиновски.

Нарушеното здравје често не се регистрира како последица од психичките притисоци. Човекот станува сериозно болен поради мобинг и се отпушта како болен, без никој да спомене дека токму долготрајниот мобинг е директен причинител за тоа што станал неспособен за работа. Инаку во целиот свет 43 отсто од жртвите ги имаат истите почетни симптоми, без оглед во која земја живеат.

На трибината беше промовиран прирачникот “Мобинг – психички притисок на работното место“. Автор на прирачникот е психологот Јана Величковска, издавач е Сојузот на синдикатите на Македонија, додека посебно е значаен ангажманот на Одделението за едукација на ССМ. Од ССМ потекна иницијативата за основање на Македонското мобинг здружение, чиј претседател е Гордица Бошковска, правен застапник во Синдикатот. Прирачникот го претставија доктор Виолета Арнаудова и доктор Елисавета Сарџовска. Ова е прв водич за мобинг во Македонија, рече Арнаудова. но можеме да констатираме дека денешната трибина е премин од теоријата во практичното дејствување.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc