ЕДУКАЦИЈАТА ВО 2008 ГОДИНА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

24.03.2009

Секторот за едукација на Сојузот на синдикатите на Македонија во соработка со фондацијата “Фридрих Еберт“ минатата година организираше повеќе предавања, семинари и работилници на повеќе општествени теми: безбедност и здравје при работа, вклучување на младите, системот на бруто плата...

 

Образованието на членството е една од континуираните активности на Сојузот на синдикатите на Македонија. Во 2008 година се одржаа повеќе семинари, предавања, работилници и други форми на презентација, на кои беа опфатени повеќе значајни теми и состојби во македонското општество. Повеќето од овие средби беа организирани во соработка и со подрршка на Фондацијата “Фридрих Еберт“.

Во сите проекти беа вклучени теми поврзани си Синдикатот, како општествената позиција на ССМ, Синдикатот и економскиот развој, Синдикатот како социјален партнер, Синдикатот и остварувањата на правата на вработените во јавниот сектор, безбедноста и здравјето при работа.

Проектот за безбедност и здравје при работа, што се одржуваше во соработка со “Фридрих Еберт“, е актуелен поради се поголемиот број несреќи при работа, зголемениот број професионални заболувања, како и новините од законот кој ја регулира оваа материја. На темата безбедност и здравје при работа се одржаа повеќе работилници, семинари и трибини, на кои учесниците беа запознавани со повеќе аспекти: значењето на безбедноста, особено на луѓето изложени на ризици, законските одредби, превентивните мерки, меѓународните стандарди и друго. При предавањата беа користени брошурите на Меѓународната организација на трудот. Брошурите “Бучава на работното место“, “Ергономија“, “Опасности по ректодуктивното здравје за мажите и жените на работното место“ и “Хемикалии на работното место“ се отпечатени на македонски јазик. Излагачи на работилниците беа инженери по заштита при работа од Македонското здружение за заштита при работа.

Со помош на Фондацијата минатата година беше отпечатен “Прирачник за безбедност и здравје“, во тираж од 1.500 примероци. Прирачникот е мошне актуелен и предизвика интерес  кај членството и кај пошироката јавност. За промоцијата на прирачникот беше одржана трибина, на која говореа Ванчо Муратовски, претседател на ССМ, Агим Шаќири од Министерството за труд и социјална политика, Елисавета Стикова од Републичкиот завод за здравствена заштита и Борче Стојчевски од Македонското здружение за заштита при работа.

“Правата на вработените жени и млади во Македонија“ беше проект чии носители беа Секцијата на жени и Секцијата на млади при ССМ. На работилниците беа анализирани одредбите од законите во трудовата сфера, додека учесниците даваа свои мислења и предлози за измена на регулативата за породилното отсуство, безбедноста и здравјето, работата на одредено време и други состојби карактеристични за жените и младите. Во текот на обуката се користеше прирачникот “Правата на вработените жени и млади во Република Македонија“, издаден од Регионалниот синдикален совет на ССМ во Куманово, со помош на фондацијата “Фридрих Еберт“.

Проектот “Отворени можности за обука, анализа на модели за економски развој на државата“ го корординираа Секцијата на млади при ССМ и Регионалниот синдикален совет во Прилеп, во соработка со Економскиот факултет во Прилеп, ФОН Универзитетот, Гимназијата “Мирче Ацев“ и Економското училиште “Кузман Јосифовски Питу“. Целта на проектот е збогатување на знаењата на средношколската и студентската младина за улогата на ССМ како социјален партнер и мислења за законите од трудовата сфера. Излагачи на темата “Местото, улогата и влијанието на Синдикатот во економскиот развој на државата“ беа синдикални инструктори од ССМ.

Кампањата “Време е“ е исто така организирана од “Фридрих Еберт“ и од синдикалните централи ССМ, УНАСМ и КСС. Целна група на кампањата беа студентите, младите и невработените, додека централни теми беа пристојната работа и плата, подобри работни услови, повеќе можности, професионална мрежа, повеќе работни места.

Воведувањето систем на бруто плати беше тема на тркалезната маса што се одржа во Струга. На тркалезната маса предавачи беа доктор Мирко Трипуновски, декан на Факултетот за економски науки на Универзитетот “ФОН“ и Марио Швигир, економски советник во Сојузот на слободни синдикати на Хрватска. Тие зборуваа за ризиците од воведувањето на новиот пресметковен систем и за искуствата од другите земји.

ССМ со свои тројца претставници учествуваше на 59. Средба на правници, што се одржа во Охрид, во организација на Здружението на правници на Република Македонија. Теми на средбата беа Законот за работни односи со измените, бруто платата, заштитата на човековите права и слободи, Законот за безбедност и здравје при работа, Законот за управни спорови. Учеството на преставниците на ССМ финансиски го поддржа Фондацијата “Фридрих Еберт“.

Вкупно со поддршка на “Фридрих Еберт“ во текот на 2008 година се одржаа 30 еднодневни работилници, на кои присуствуваа околу 1.000 учесници. Работилниците се одржаа со членови на синдикатите на регионално ниво од Скопје, потоа Велес со Штип, Куманово со Крива Паланка и Кратово, Кавадарци со Неготино, Струга со Охрид, Тетово со Гостивар, Виница со Делчево, Берово и Кочани. Посебни целни групи беа и членови на гранските синдикати УПОЗ, Синдикатот на работниците од трговијата, Синдикатот за текстил, кожа и чевли, како и на секциите на жени и на млади при ССМ.

Предавачи на работилниците беа доктор Борче Давитковски од Правниот факултет во Скопје, доктор Нано Ружин, професор на Филозофскиот факултет, Томе Георгиевски, поранешен раководите на Правниот сектор во ССМ, магистер Лазар Јовевски од Правниот факултет во Скопје, како и инженери од Македонското здружение за заштита при работа: Милан Петковски, Борче Стојчевски, Снежана Јанкова Петковска, Фатмир Сарачини, Лидија Атанасовска и Александар Матеев.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc