ВО ЦАРИНСКА УПРАВА СЕ ВРШИ НЕВИДЕН ТЕРОР ВРЗ ВРАБОТЕНИТЕ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

26.03.2009

Неосновани кривични пријави, откази без причина, самоволие на партиски јуришници, притисоци за откажување од членство во синдикатот станаа секојдневие во “Царинска управа“, известува синдикатот УПОЗ. Досега се дадени над 50 откази, другите добија или кривична пријава или дисциплинска мерка...

 

“Царинска управа“ се претвори во своевиден Алкатраз, еден вид модерен затвор во кој се спроведува невиден терор. Околу една илјада вработени се под постојан притисок, им се делат откази, се заплашуваат со најразлични притисоци, изјави на денешната конференција за печат Пецо Грујовски, генерален секретар на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ).

Можеби требаше да реагираме порано, затоа што состојбите траат подолго време, но имавме обѕир кон изборните процеси. Лесно може да ни залепат етикети, но  работите ја преминаа секоја мерка и нема причина повеќе да се молчи, рече Грујовски.

За каков хорор станува збор кажува податокот дека во “Царинска управа“ скоро нема вработен против кого не е поднесена кривична пријава или, во најдобар случај, дисциплинска мерка. За илустрација, минатата година целокупната испостава во Крива Паланка доби кривични пријави, и тоа за обврска која е во доменот на полицијата, а не на царината.

Според наодите на УПОЗ над 80 отсто од сите постапки се неосновани. Тие се однесуваат на ситни, ненамерни пропусти, причинети од прекумерниот обем на работа на службениците. Автоматски се соомничени сите вработени, кои живеат и работат под невидена пресија. УПОЗ не е против контролата, но во овие случаи наводната борба против криминалот е оправдание за самоволието.

Партиските јуришници во царината се “размафтани“, се закануваат со се и сешто, додека раководството смислува начини за нови видови систематско тероризирање, пренесува Грујовски. Тој на новинарите им покажа допис во кој за месец ноември помошникот директор за човечки ресурси наредува на сите вработени да им се најде некоја причина за да им се намали платата за 15 отсто. Ако подредените тоа не го сторат, ќе биде намалена нивната плата.

Во царината исто така се врши диверзија на синдикалното организирање. Синдикалната организација членува во УПОЗ, но управата ги заплашува синдикалните активисти. Претседателот на синдикалната организација подлегна под притисоците, неосновано е именувана нова синдикална организација, поставен е претседател, кој исто така веднаш е ставен под специјална мерка - после два дена е преместен од Крива Паланка во Гевгелија. Целта е да се стави до знаење дека никој не смее да противречи за раководството и партиските луѓе во царината да прават што сакаат.

“Во “Царинска управа“ во 2006 година е потпишан колективен договор, со многу добри решенија, но од февруари се нуди некаков нов колективен договор, со решенија на директна штета на работниците, известува Грујовски. Впрочем, за време на изборите партиските војници во царината со закани им кажувале на вработените за кого да гласаат.

На Интернет страницата на “Царинска управа“ е објавено писмо - изјава за истапување од синдикалната организација. Како некаков нов претседател на синдикалната организација е поставен Стојанче Спасовски, партиски активист, кој нема диплома за соодветно работно место, но поднел фалсификувана диплома од Бугарија.

Упатуваме апел до премиерот Груевски и до Владата да се престане со страшното тероризирање во царината, изјави Грујовски. Луѓето се плашат, живеат во страв за работните места. УПОЗ ќе поднесе посебна кривична пријави за мешање на работодавачот во синдикалното организирање.

Наскоро делегација на Европската комисија ќе дојде во посета на УПОЗ. Ние ќе ги запознаеме какви реформи се водат во јавната администрација во Македонија, додека ќе ги известиме и другите меѓународни фактори, рече Грујовски.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc