ВО ТЕК Е НАСИЛСТВО ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

06.02.2008

Со закани по работното место вработените се присилуваат да се зачленат во Конфедерацијата на слободни синдикати. Појавата засега е најзабележлива во образованието, администрацијата, културните установи...

 

Активисти на Конфедерацијата на слободни синдикати, со нескриена поддршка на Владата, влегуваат во јавните установи и со закани ги уценуваат вработените да пристапат кон нивната организација. Појавата во моментов е најзабележлива во образованието и културните установи, во фондовите и во државната администрација, но се проширува и во другите установи и јавни претпријатија.

Повеќе соговорници сведочат за насилничкиот однос на лица кои слободно влегуваат во установите, се претставуваат како синдикалци од КСС, или дури “од горе“, што и да значи тоа. Никој не ги видел дотогаш, но тие ги свикуваат луѓето на некаков состанок. Сите знаат дека треба да се отиде на “состанокот“, на кој им се соопштува: “Ќе се зачлените во КСС и - без дискусија! “. Ако некој нешто праша, или ако не учествува на состанокот, брзо му стигнува закана за отказ од работното место.

Ова се случува деновиве во установите од јавниот сектор. Не треба многу за да се заклучи дека оваа насилничката кампања е оркестрирана од страна на Владата и на КСС. Познато е што се случува на синдикалната сцена во Македонија во изминатата година ипол.  Владата одбра свој синдикат, самата го прогласи за репрезентативен, игнорирајќи го Сојузот на синдикатите на Македонија и другите синдикални централи.

Во намерата својот партиски синдикат да го направи единствен Владата сепак е свесна дека КСС има премал број членови. Сега целта е со сила да го зголеми бројот на членовите, пред да дознаат меѓународните фактори и пред нивните реакции, кои сигурно ќе пристигнат. Работата треба да се заврши брзо и да се излезе со математика: еве колку членови има во КСС!

Оттаму грубоста и примитивните методи, кои создаваат бизарни ситуации. Наставник со 20 години стаж одеднаш мора да стои во став мирно пред самоуверен тип кој не знае да објасни кого претставува, ниту чувствува потреба да објасни. Само кажува дека “мора така, инаку нека се држи добро“. Сите знаат што значи тоа и сите се плашат од последиците.

Во установите каде вработените имаат поцврста синдикална организација се употребуваат и други методи – или претседателот на организацијата се присилува да даде оставка, или се организира состанок на КСС (иако нема ниеден член) и се изнудуваат потписи за новите пристапници.

Појавата се вклопува во настојувањата на Владата да го прогласи КСС за единствен синдикат. Еднаш тоа го стори, со потпишувањето на Општиот колективен договор за јавниот сектор и со сериското лажење на јавноста дека тој е репрезентативниот синдикат, дека другите не доставиле податоци... Премногу лаги, но така невешто сложени што вистинската цел се протнува во медиумите – токму министерот за труд Љупчо Мешков препорача: “кој сака да важи колективен договор за него, нека се приклучи“.

Владата не ги уважи ни бројните опомени од Брисел за нејзиното однесување. Според меѓународните конвенции власта не смее да се меша во синдикалното организирање, како и според темелните принципи на либералната демократија.

Во јавниот сектор има околу 120.000 вработени, од кои 71.263 се директни буџетски корисници, додека другите се во јавните претпријатија, установи финансирани од фондовите и во други установи. Во КСС членуваат само дел од вработените во образованието и одбраната и се поставува прашањето: до каде ќе оди заедничката насилничка кампања на Владата и на КСС? Дали за да се постигне цензусот од 33 отсто членови, услов од Законот за работни односи, или има намера сите буџетски корисници да ги тероризира додека не влезат во КСС? Се почна со образованието и кој е на ред, дали јавните претпријатија, здравството, комуналните служби?

Сојузот на синдикатите мора да реагира до меѓународната јавност и до меѓународното синдикално движење. Ова што во моментов се случува во Македонија е насилство од најпримитивен вид и светот сигурно ќе реагира.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc