ВО СВЕТОТ ЖЕСТОКИ ДЕМОНСТРАЦИИ ЗА ПРАЗНИКОТ НА ТРУДОТ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

2.05.2009

Во некои земји првомајските демонстрации беа мирни, додека во други имаше жестоки судири меѓу демонстрантите и полицијата. Поради глобалната криза барањата за социјална правда беа многу поостри од вообичаените...

 

Меѓународниот празник на трудот бурно беше одбележан во светот. Милиони луѓе на свој грб ги чувствуваат последиците на глобалната криза, така што барањата воглавно беа насочени за поголема социјална правда. Работниците се незадоволни поради зголемената невработеност, доцнењето на платите и се почестите отпуштања.

Годинешниот Први мај во Македонија помина во традиционалните седенки со скари на излетиштата. Економската криза ги погаѓа сите домени, така што се почувствува дека многумина не можеа да си дозволат таков излет. Сојузот на синдикатите празникот го одбележа со свечена седница на 29 април, од каде се упатени повеќе барања до државното раководство.

Порциите со грав за Први мај во Хрватска не изостанаа ни годинава, но нив не ги поделија хрватските синдикати. Околу 65.000 порции на повеќе пунктови во паркот Максимир ги плати градот Загреб, додека паролата гласеше “Сакаме работа и да живееме од трудот“. Инаку Хрватите од сите околни земји организираат најбројни и најенергични протести. Празникот беше одбележан во Сплит, Риека и во други градови.

Демонстрациите за Први мај се традиција во многу европски земји. Во некои празникот се одбележува мирно, додека во други земји се случија жестоки судири со полицијата, со стотини повредени и приведени.

Франција по традиција е напред во социјалните бунтувања. Осумте синдикални централи за време на празникот ги надминаа меѓусебните поделби и заеднички организираа 280 паради во целата земја. Французите на масовните собири во Париз, Тулуз (30.000 демонстранти), Бордо (50.000), Марсеј (20.000) ги насочија реакциите против претседателот Николас Саркози.

Антикапиталистички и антиглобалистички пароли, камења и шишиња врз полицијата, запалени контејнери беа одлика на Први мај на улиците на Хамбург и Берлин. Во овие два града се повредени неколку десетини полицајци. Ситуацијата дополнително ја влошува економската криза, поради која во Германија многумина останаа без работа или примаат пониски плати. Најголемиот синдикален собир годинава се одржа на северот на Германија, во Бремен, каде претседателот на Синдикалната конфедерација (DGB) Мајкл Сомер ја изнесе неповолната слика на економската состојба.

Во Истанбул се судрија левичарите и полицијата, при што се повредени најмалку 11 лица. Судирот траеше повеќе часови на главниот градски плоштад Таксим, каде групи млади почнаа да фрлаат камења, молотовлеви коктели и метални предмети врз специјалната полиција. Полицијата возврати со водени топови и солзавец и уапси најмалку 68 лица.Стотина уапсени има и во Санкт Петерсбург. “Крадците треба да бидат во затвор, а не во Кремљ“ беше паролата на демонстрантите во Москва. Во главниот град се уапсени 120 лица, додека во цела Русија демонстрираа околу 200.000 лица, кои одржаа 214 протестни собири.

И во главниот град на Грција имаше судири. После мирното собирање на шест илјади грчки работници настапијата таканаречените анархисти, против кои полицијата употреби солзавец.

“Слобода, еднаквост, социјализам“ беше една од паролите на демонстрантите кои се собраа пред зградата на Парламентот во Варшава, главниот град на Полска.

Мирни беа демонстрациите на сто илјади луѓе во Австрија, кои барањата за поголема даночна еднаквост ги изнесоа пред градското собрание во Виена. Организаторите објаснија дека во време на економска криза треба да се оданочуваат најбогатите.

Црвени знамиња и боите на двата најголеми синдикати, CCOO и UGT, беа одбележјата на поворката од десет илјади лица во центарот на Мадрид. Слоганот на шпанските синдикати беше “Одговор на кризата е вработување, јавни вложувања и социјална заштита“.

Солидарност со жртвите од земјотресот во покраината Абруцо е знак на годинешното одбележување на Први мај во Италија. Водачите на главните италијански синдикати се собраа во градот Л Аквиља, како знак на блискост со работниците и жителите настрадани во земјотесот.

Демонстрации се одржаа и во повеќе азиски земји, меѓу кои Камбоџа, Јапонија и Филипини. Работниците таму бараа сопирање на масовните откази и нормални услови за работа.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc