ВО 2008 ГОДИНА ПРАВНА ПОМОШ ПОБАРАЛЕ 17.144 РАБОТНИЦИ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

11.03.2009

Бројот на обраќања до Сојузот на синдикатите на Македонија е зголемен во минатата година, што сведочи за постојано кршење на правата на работниците. Позитивно се решени 80 отсто од сите предмети. Луѓето најмногу се жалат за неисплатени плати, потоа за придонесите...

 

Во периодот јануари - декември 2008 година до Сојузот на синдикатите на Македонија се обратиле 17.144 работници, кои побарале заштита на нивните права од работниот однос. Во споредба со 2007 година бројот на обраќања е поголем за 963 предмети, што кажува дека состојбата со нарушувањето на правата на работниците се влошува - односно, работодавачите и понатаму континуирано ги кршат основните права на работниците.

Вкупниот број обраќања за минатата година изнесува 31.650 по разни основи. (Бројот на предметите е поголем од бројот на членовите кои бараат правна помош затоа што некои членови се обраќаат по неколку основи, додека други се пренесени од претходната година.) Над 80 отсто од обраќањата се позитивно решени, додека останатите постапки се во тек и ќе се превземаат активности за нивно позитивно решавање. Инаку правната заштита на членовите ја овозможуваат Секторот за работни односи и правна заштита на ССМ, регионалните синдикални совети и канцеларии и синдикатите членки на ССМ.

Позитивно решените права се регулираат преку склучување спогодби, со добиени позитивни судски пресуди, со поднесување приговори, со давање совети и мислења и други видови интервенции. Според обраќањата по одделни основи најголем број, 5.161 предмети, се за неисплатени плати и придонеси. за неисплатени придонеси во Фондот за ПИОМ има 2.739 обраќања, за неисплатен надомест за храна 2.061, за надомест за превоз 1.660 и 1.575 права по основ на стечај. За здравствено осигурување се 1.012 предмети, за регрес за годишен одмор 689, за отказ од деловни причини 615, за повреди на синдикални права 499, за принуден одмор 315, за отказ од лични причини 273, за промена на договор за вработување 232, за прекувремена работа 128, за парична казна 107 и за засновање на работен однос 78 обраќања.

Според видот на превземените дејства правните служби на ССМ вкупно имаат дадено: 5.608 совети, 2.462 мислења, 1.125 изготвени барања, 378 приговори, 512 тужбени барања, 758 расправи, 541 жалба, 531 поднесок, 259 пресуди, 3.271 спогодби, 29 вонредни правни лекови, 25 предлози за извршување, 181 допис до инзпектор, два дописа до јавен обвинител, 27 за стечајна постапка и 608 за управна постапка.

По пооделни синдикати најголем број обраќања има Синдикатот на графичката, информативната, филмската, издавачката дејност и производство на хартија, вкупно 3.573, потоа Синдикатот на работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија со 2.969, Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство 2.127, Синдикатот за хемија, неметали и метали 1.761, Синдикатот на работниците од шумарството, дрвната индустрија и енергетика 1.757, Синдикатот на работниците од агроиндустрискиот комплекс 1.400, Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално - станбеното стопанство, занаетчиство и заштитни друштва 999, Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање 591, Синдикатот на работниците од трговијата 459, Мултиетничкиот синдикат за образование 110, Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита 99, Синдикатот на финансиските дејности 81, Самостојниот синдикат на работниците од енергетика и стопанство 47, Синдикатот на поштенските и телекомуникациските работници 12 и Самостојниот синдикат на вработените од одбраната две обраќања.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc