ВЕЛЕС ВОДИ ПО ПРОЦЕНТОТ НА НЕВРАБОТЕНОСТ
4.05.2009
За 18 години во Велес се изгубени 16.000 работни места. Или, пред почетокот на транзицијата биле вработени 26.000, денес едвај 10.000 лица. Регионалниот синдикален совет смета дека Законот за работни односи ја поттикнува злоупотребата на луѓето...
За последните 18 години во Велес се изгубени 16.000 работни места. Додека во 1990 година вработени биле 26.000, сега во градот едвај работат 10.000 лица.
Тие се претежно ангажирани во текстилните претпријатија, трговската мрежа и градските такси компании. Поголемиот дел од нив не се пријавени, не земаат редовно плата или не им се плаќаат придонесите.
Работничките права се почесто се остваруваат на суд. Правната синдикална служба лани преку судски постапки издејствувала исплата на плати и придонеси за 450 работници. И годинава состојбата е иста, велат во ССМ.
Нема промена на подобро. Ако статистички гледаме во Велесе процентот на невработени е двојно поголем од националното ниво, или, поточно, националната стапка на невработеност е 35 отсто, додека во Велес е 60 отсто. Она што е идентично е начинот на кој работникот се злоупотребува. Многупати досега реагиравме, како синдикат, на неповолниот Закон за работни односи. Работниците ја добиваат сета помош, која ја овозможуваме како организација што има таква законска можност, вели претседателот на Регионалниот синдикален совет Димитар Андонов.
И велешани се незадоволни. Во градот работа тешко наоѓаат невработените, а уште потешко отпуштените работници. Ова се некои од нивните изјави: Ние ги градевме фабриките, а сега сме надвор од нив. Тешко е да гледаш како на сопствената пот некој станал газда. Нема работа, што да правиме, каде да одиме. Само како таксист денес можеш да се надеваш дека ќе се вработиш, но прашање е колку ќе заработиш и колку ќе се исплати да купиш автомобил и да регистрираш фирма за да се самовработиш, гласат некои од изјавите на велешани.
Засега нема најави за отворање на производни капацитети, ниту решение за 14 - те илјади невработени велешани. Освен проблемот со невработеноста за Синдикатот сериозно прашање е губењето на работните места и намалувањето на работничките права. Треба да се менува Законот за работни односи, вели првиот велешки синдикалец. Според Андонов актуелното законско решение е во прилог на газдите, а не на работниците. Од тие причини тие работат без редовни плати и платени придонеси.
(извор: www.lisica.mk)