БРУТО ПЛАТАТА ПРЕДИЗВИКА НИЗА НЕГАТИВНИ ЕФЕКТИ

Attention: open in a new window. PDFPrintE-mail
There are no translations available.

12.03.2009

Според податоците на ССМ постои големо шаренило при вклучувањето на хранарината и превозот во платата, и тоа не само кај приватниот, туку и кај јавниот сектор. Тоа е само една негативна последица од новиот систем. Исто така излезе на виделина дека 150.000 лица работат на црно...

 

Денес можеме да констатираме повеќе негативни последици од новиот систем на пресметување на бруто платата. Поради проблемите со софтверот се јавија многу грешки, нервози, турканици, паѓање на системот, губење време. Постои големо шаренило во вклучувањето на надоместоците за храна и превоз и излезе на видело работењето на црно, што секоја власт настојува да го сокрие.

Ова на денешната конференција за печат го истакна Лилјана Јанкуловска, раководител на Секторот за економски и социјални прашања на Сојузот на синдикатите на Македонија. Тоа се само некои од состојбите констатирани при обработката на податоците од страна на службите на Сојузот на синдикатите на Македонија. Излагањето на Јанкуловска го пренесуваме во целост.

Реално е рано да се направат подлабоки анализи за воведувањето на системот на бруто плата, но сепак на површина излегоа оредени проблеми и прашања кои треба да се решаваат. Сојузот на синдикатите ја даде поддршката за новиот систем, но притоа укажа и на одредени работи кои требаа да се предвидат, со цел системот да функционира без поголеми проблеми. Меѓутоа, укажувањата на ССМ не беа прифатени, а во реалноста проблемите се појавија. За дел од нив можат да се превземат дејства веднаш, а за останатите треба поголема активност на сите социјални партнери. Пред се е желбата на Владата да се вклучи во решавањето на проблемите.

Имено, требаше да настанат протести и штрајкови на одделни групи осигуреници (таксисти, земјоделци, занаетчии, адвокати, трговци поединци) за Владата да предложи одредени измени и дополнувања на Законот за придонеси за задолжително социјално осигурување. Овие измени и дополнувања воопшто не се дадени на расправа и социјалните партнери не можат да се произнесат, како и да предложат нивни решенија. И овие измени потврдија дека во Република Македонија нема никаков социјален дијалог и расправа за законите од интерес на работниците.

Софтверот на управата за јавни приходи се уште има проблеми. Поради неусогласеноста одговорност пред се има Владата. Затоа бараме период подолг од шест месеци да се прогласи како преоден период.

Поради проблемите со софтверот и потребата од преоден период санкциите, односно одредбите од Законот за придонеси да не се применуваат на работниците што нема да го пријават нивниот работодавач дека не им исплатил плата во период од шест месеци од примената на законот.

Да не течат казнените камати за неплатените придонеси по 0,03 отсто дневна камата. Според податоците на УЈП јануарска плата не зеле 17.000 работодавачи, додека за февруарската не поднеле пресметки за плата над 8.000 работодавачи. Во овие податоци многу е важно колкав е бројот на работници што не зеле плата. Како илустрација да го наведеме следниот податок - до 9 март пресметка поднеле 48.000 компании, а плата зеле 10.000 компании со 112.000 вработени.

Применувањето на системот бруто плата ја покажа состојбата со сивата економија и работењето на црно. За жал, се потврдија укажувањата на ССМ дека во Република Македонија континуирано 150.000 работници работат на црно, а во одредени периоди до 180.000. Според статистиката на државата има 620.000 вработени, а според податоците од Фондот за ПИОМ и УЈП има 450.000 лица кои имаат статус на вработени согласно законите. Министерството за финансии излезе со податок од 406.000 вработени во декември 2008 година. Ова е вистинско шаренило од бројки.

Каква е состојбата со платите после воведувањето на новиот систем? Се зголеми масата за плата, иако има намалување на придонесите. Нема заштеди кај работодавачот, нема повисоки плати, туку во одделни компании дури има намалување на платите.

Едно од најзначајните прашања беше надоместокот за храна и превз. И тука се јави огромно шаренило. Спиоред согфладувањата на ССМ тоа изгледа вака:

  • надоместокот за храна и превоз не се вклучува во бруто платата на работникот, која во јануари зема иста плата како основната плата во декември 2008 година. Овие состојби се посебно присутни во стопанството, и тоа кај нискоакумулативните гранки.
  • вклучување на надоместокот на храна и превоз во бруто платата во помал износ. Ова се случува и во јавниот и во приватниот сектор.
  • наприменување на колективните договори, во кои хранарината е предвидена во износ од 25 отсто.
  • вклучување на надоместокот само за храна или само за превоз.

На овој начин се создава нееднаквост меѓу работниците. Во примената на законот има разлика меѓу јавниот и приватниот сектор, затоа што работодавачите во приватниот сектор вклучувањето на храната и превозот не го сфатија како обврска. Во овој дел има недостатоци затоа што нема кој да врши контрола дали работодавачите го вкалкулираат овие износи.

Со примената на системот одделни рабоодавачи не им ги исплатуваат заостанатите плати на работниците, на пример за опктомври, ноември и декември, се со цел да се вклучат во системот на бруто плата од 1 јануари. Законот и тука остана недоречен и затоа УЈП треба да не ги прима пријавите за плата за 2009 година додека не се исплатат платите за 2008 година.

УЈП треба да излезе со збирна информација за профункционирањето на бруто платата, како и со споредбена анализа за платите во јануари и декември.

Владата треба да најде решение и да им помогне на оние работодавачи кои поради светската економска криза имаат намалено производство и не можат да исплатуваат плати, ги отпуштаат работниците или ги праќаат на принуден одмор.

Каква е сотојбата по дејности?

Синдикатите во ССМ интензивно се вклучија во имплементирањето на законот и во одредени дејности се постигнати завидни резултати.

Во здравството во целост е почитуван Законот за придонеси за задолжително социјално осигурување и решенијата од тој закон се вградени во новиот Колективен договор за здравствената дејност. Во здравствената дејност е потпишана и Спогодба за утврдување најниска плата за најнизок степен на сложеност. Во оваа дејност висината на хранарината е утврдена на 25 отсто од просечната плата на ниво на Република Македонија за декември 2008 година.

Иста е сотојбата и во делот на социјалната заштита.

Во државните, правосудните и органите на локалната самоуправа е склучен Колективен договор и во бруто платата се внесени хранарината и превозот. Меѓутоа, во овие дејности износот е утврден со Законот за извршување на буџет. Истото неповолно решение се применува дури во фондови и во други организации кои имаат сопствени колективни договори, каде храната е утврдена на 25 отсто. Посебен проблем е неплаќањето на реалните трошоци за превоз и тоа прашање исто така треба соодветно да се реши.

Во јавната и државната администрација има намалување на платите, но разликата не е голема и тука Синдикатот ќе изнајде решение. Има одредени проблеми и во делот на исплаќањето на паушалот во казнено - поправните установи.

За вработените во полицијата надоместокот за храна и превоз е вклучен во платата како и за сите буџетари, но синдикатот бара да се пресметува 25 отсто за хранарина и реален трошок за превоз.

Во угостителството, туризмот, комунално - станбеното стопанство, занаетчиството и заштитините друштва ва прашање е уредено на соодветен начин. Во јавните претпријатија надоместокот за храна изнесува 25 отсто, додека превозот е вклучен. Во угостителството и заштитните работилници има организирана исхрана, а некаде и организиран превоз.

Во градежништвото во основа се почитуваат законските одредби и во бруто платата се вградени храната и превозот.

Во еден дел работодавачите продолжија да даваат организирана исхрана и превоз.

Во индустријата, енергетиката и рударството во 90 отсто од претпријатјата храната и превозот се организирани. Таму каде тоа не е случај во основа надоместоците се вклучуваат во платата.

Кај телекомуникациите надоместокот за храна и превоз во целост се вкалкулирани во платата.

Во агроиндустрискиот комплекс состојбата е најразлична - од целосно вклучување до невклучување. Кога се вклучува надоместокот за храна најчесто висината е 20 отсто, а не 25 отсто, како што е уредено со соодветните грански колективни договори. Кај дел од приватизираните претпријатија со над 51 отсто приватен капитал, надоместокот за храна и превоз работодавачите не сакаат да го вклучат во платите на работниците.

Во текстилната индустрија платите останаа исти на декемвриската основица, што значи дека работодавачите ја немаат вкалкулирано храната и превозот во бруто платата. Во најголем број работодавачите имаат организирана исхрана и превоз, додека кај другите надоместоците се вкалкулирани во платата.

Во шумарството, дрвната индустрија и енергетика во целост е вкалкулирани надоместоците за храна и превоз, додека во дел претпријатија износот на хранарината е помал.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc