БАНКАРСКИТЕ СИНДИКАТИ НЕЗАДОВОЛНИ СО АНТИКРИЗНИТЕ МЕРКИ
9.04.2009
Пазарната економија треба да ја надрасне социјалната, заклучија банкарските синдикати на Македонија, Црна Гора и Србија на регионалната средба во Котор. Во трите земји не се донесени суштински мерки против последиците на финансиската криза...
Декларацијата на Светската синдикална организација зборува за потребата од конечно престанување на владеењето на капиталот и поставување на човекот во средиштето на животот, изјави Марија Ердељан, претседател на Одборот на синдикатите на Србија и членка на Светскиот одбор на вработените, на средбата на банкарските синдикати на Македонија, Црна Гора и Србија.
Советувањето на тема “Анализата на кризата на банкарскиот систем и последиците по социјалниот дијалог и колективното договарање“, кое се одржа од 2 до 5 април во Котор, Црна Гора, во голем дел беше посветено на последиците на финансиската криза. Трите синдикати од финансиските дејности се согласија дека нивните држави немаат донесено суштински мерки за стопирање или ублажување на последиците од светската финанасиска криза.
Гоце Селовски, претседател на Синдикатот на финансиските дејности на Македонија (СФДМ), објасни дека македонската влада на почетокот сметаше дека кризата може дури корисно да влијае врз економијата. Пазарот на хипотекарните кредити и на недвижнини во Македонија е се уште стабилен, но реалниот сектор ја почувствува кризата.
Гоце Трајковски, претставник на СФДМ, рече дека синдикатите од Владата бараат да почне инвестиции во инфраструктурата и да воведе мерки за подигнување на куповната моќ на граѓаните. Синдикатот ги повика претпријатијата да не прогласуваат технолошки вошоци со појавата на првите проблеми и да се овозможи почитување на меѓународните стандарди за работниците кои ќе добијат отказ.
Социјалниот дијалог и колективното преговарање мораат да добијат на значење, додека пазарната економија треба да ја надрасне социјалната, изјави Марија Ердељан. Потпретседателот на Синдикатот на банките на Србија Владимир Ефтовиќ тврди дека неговата држава фактички нема донесено мерки за намалувањето на ефектите на кризата. Се што се донесе е обид товарот на кризата да се пренесе на работодавачите и на вработените. Да се сочува постојното ниво на вработени е фраза и генерален однос на државата кон проблемот. Никој разумен не може да очекува дека некој ќе ги троши сопствените пари за да исплатува плати и да произведува.
Потпретседателот на црногорскиот Синдикат за градежништво Ненад Марковиќ истакна дека кризата најмногу се почувствувала во оваа област. Владата декларативно се изјасни за помош, но досега нема конкретни мерки, изјави Марковиќ.
Експертот за социјалниот дијалог Бранислав Беговиќ предупреди дека излез тешко ќе се најде ако на помош се повика политиката. Тоа значи враќање во минатите времиња, кога политиката доминираше на економската сфера, а знаеме каде тоа не доведе, рече Беговиќ, додавајќи дека во Црна Гора политиката ја надвладеала елементарната правна држава и сега не се знае каде стартува законодавната, извршната и судската власт.
Претставниците на синдикатите на трите земји се согласија до одржувањето на Третата конференција да го усогласат текстот на Спогодбата за минималните стандарди на содржината на колективните договори.
Во Конференцијата на синдикатите на банките и финансиските организации на земјите од југоисточна Европа, покрај Македонија, Србија и Црна Гора, членуваат синдикатите од Бугарија, Хрватска и Б и Х - Република Српска. Организацијата е основана во 2007 година и една од позначајните активности е изработка на заеднички колективен договор, кој ќе важи во банкарските сектори во сите членки. Се очекува усогласувањето на проектот да биде завршен до летните месеци. Значењето на заеднички колективен договор е во тоа што би бил прв таков документ од наднационален карактер.