АГРО СИНДИКАТОТ ИНТЕРВЕНИРА ЗА “ЖИТО-МЕЛ“ ОД КУМАНОВО

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

19.02.2008

Во “Жито - мел“, најголемиот снабдувач со леб во Куманово, 220 вработени четири месеци не зеле плата затоа што сопственикот Бајруш Сејдиу е во притвор. АГРО Синдикатот интервенира кај две министерства, за економија и за финансии...

 

Во “Жито - мел“, најголемиот снабдувач со леб и пецива во Куманово и околината, 220 вработени немаат земено плати четири месеци. Причината е што мнозинскиот сопственик, Бајруш Сејдиу, кој поседува 51 отсто од капиталот, се наоѓа во притвор.

Сејдиу е познат во јавноста како главен актер во аферата со илегалното производство на цигари. Според законот додека е под истрага и во притвор тој не може да потпише налог за плата и други документи од деловен карактер. Вработените се незадоволни и оттаму настана спонтан прекин на работатата. Инаку “Жито - мел“ е добростоечко претпријатие со релативно стабилна стопанска позиција.

Живко Даневски, претседател на Синдикатот на работниците од агроиндустрискиот комплекс на Република Македонија (АГРО Синдикат) се обрати до министерот за финансии Трајко Славески и министерот за економија Фатмир Бесими, со молба да интервенираат за случајот “Жито - мел“.

Во обраќањето од АГРО Синдикатот до двата министри се вели: “Проблемите во “Жито - мел“ - Куманово се повеќе од формално - правен карактер, поради фактот што единствениот потписник на жиро - сметката Бајруш Сејдиу веќе четири месеци се наоѓа во кривичен притвор. Инаку друштвото е се уште во границите на рентабилно работење. Посебно Ви напоменуваме дека дејноста што ја извршува ова трговско друштво е од посебно значење за граѓаните на Куманово, бидејќи ова друштво ги снабдува граѓаните, училиштата и градинките со леб и бели пецива“.

АГРО Синдикатот го проширува обраќањето до министерот Фатмир Бесими за состојбите во Тутунскиот комбинат во Куманово. Бајруш Сејдиу е исто така мнозински сопственик на Тутунскиот комбинат. Поради влошените состојби 350 вработени во комбинатот немаат земено плата за последните 45 месеци.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc