ЉУБОМИР ФРЧКОСКИ: ВАШИОТ ПРОБЛЕМ МОРА ДА ГО РЕШИ ДРЖАВАТА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

17.02.2009

Како што постојат специјални даноци за поплави и земјотреси, така може да се воведе посебен данок за социјалната катастрофа на стечајците. Република Македонија не е само демократска, туку и социјална држава, со уставно вграден принцип на солидарност...

 

Република Македонија не е само демократска, туку и социјална држава. Принципот на солидарност е вграден во Уставот, иако во секојдневието е практично заборавен, рече кандидатот за претседател на државата Љубомир Фрчкоски на денешната средба со Унијата на стечајни работници, што се одржа во Сојузот на синдикатите на Македонија.

Конкретно, решение за оваа група граѓани може да биде воведување специјален данок, со цел да се соберат пари за какво - такво материјално обезбедување на луѓето. Како што при елементарни непогоди, како поплави, земјотреси, пожари, се воведува нов специјален данок, така може да се воведе посебен намет за стечајните работници. Тоа што се случува со вас е исто така катастрофа, само од социјални размери, им се обрати Фрчкоски на присутните.

Околу статусот и третманот на стечајните работници Фрчкоски е на мислење дека единствениот фактор кој треба да го реши проблемот е државата. Стечајците се жртви на една транзиција што се случува еднаш во историјата. Вие сте една посебна група, која не може да се третира како работници во приватни претпријатија, затоа што сите претпријатија најпрво беа во општествена сопственост. Имам впечаток дека досегашните влади се обидуваа да ја избегнат одговорноста на три начини: преку префрлање на претпријатијата во приватна сопственост, преку судски постапки и преку одолговлекување, со разни ветувања од кои не бидува ништо. Тие едноставно ќе ги обвинат олигарсите и на тој начин се извлекуваат самите од одговорност.

Како иден претседател јас можам да ветам дека ќе се ангажирам на враќање на нашите пријатели од странство. Република Македонија сега е во комплетна меѓународна изолација, ставена на осми колосек. Покојниот претседател Борис Трајковски, тоа е малку познато, беше доста активен на овој план. Надминувањето на меѓународната изолација значи привлекување свежи инветиции и на други финансии, од кои еден дел може да се намени за социјалните програми. Значи, прво треба да се донесат пари и после да видиме како ќе ги делиме.

Сегашната Влада повеќе гледа да остави впечаток дека привлекува странски инвестиции, но факт е дека инвестициите никаде ги нема. За наводните проекти пари дава самата Влада, со десетици милиони евра, само за да се фали, но резултатите се видливи - почнаа да пропаѓаат и припадници од средната класа. Има луѓе кои поседувале педесет крави и кои сега останале без ништо. Стоката морале да ја продадат, кредитите стигнуваат, а нема од каде да се платат.

Никогаш не сме имале побогата држава и посиромашен народ. Кога веќе буџетот е толку полн, може да се реши и проблемот на стечајците. Од друга страна, во последните месеци буџетот не може да се потполни - едноставно нема пари ни од странство, ни од новиот даночен систем. Самата Влада согледува дека нејзината економска политика е погрешна.

Фрчкоски им препорача на работниците да реагираат веднаш, затоа што секоја влада е најчувствителна пред изборите. Тој исто така ја потпиша Спогодбата што Унијата на стечајни работници им ја доставува на претседателските кандидати.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc