ОДБЕЛЕЖАН 28 АПРИЛ- МЕЃУНАРОДЕН ДЕН ЗА БЕЗБЕДНОСТ И ЗДРАВЈЕ ПРИ РАБОТА
28.4.2016
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), д-р Живко Митревски, учествуваше на тркалезната маса организирана од Националниот совет за безбедност и здравје при работа, на тема „Несреќи, повреди и смртни случаи при работа во Република Македонија“, со што беше одбележан 28 Април – Светскиот ден за безбедност и здравје при работа.
Секоја година 28-ми Април е посветен на посебна тема, која претставува проблем на работниците ширум светот. Оваа година мотото е „Стресот на работното место: Колективен предизвик”.
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија во своето обраќање пред новинарите појасни дека дел од целите на ССМ се да се заштити животот на работникот и да се унапредат условите за безбедност и здравје при работа.
Во рамки на кампањата која ќе ја имаме по повод одбележувањето на 1-ви Мај- Меѓународниот ден на трудот, „Организирање и мобилизирање ново членство“, продолжуваме и со нашата кампања за обезбедување безбедни и здрави работни места. Тоа значи активно вклучување и фокусирање на синдикатот во имплементирање на измените на Законот за безбедност и здравје при работа, каде е видоизменета позицијата на претседателот на синдикалната организација. Преку измените и дополнувањата на Законот за безбедност и здравје при работа, директно ќе бидеме вклучени и во делот со справувањето со безбедносните неприлки, во делот на правење анализи околу подобрување на безбедноста и во делот на подобрување на контролата која ќе ја спроведуваат синдикатите врз сите работни места, најмалку два пати годишно, со можност дури да го запреме процесот на производството доколку се утврди дека не се обезбедени соодветни услови за безбедност при работа. Записниците на инспекторите ќе бидат мониторирани од страна на претседателите на синдикати. тоа е новина која ќе ја спроведуваме годинава, изјави д-р Митревски.
Оваа година на терен ќе се мобилизираат сите работници во делот на обезбедување побезбедни услови за работа на работниците.
Претседателот информираше дека анализите од донесувањето на измените и дополнувањата на новиот Законот за безбедност и здравје при работа, од пред околу една година, покажуваат дека има подобрување на состојбата на терен.
Во фокусот на темата претседателот д-р Митревски, потсети дека е донесен Законот за мобинг и додаде оти има обучени активисти кои се поврзани со заштита од мобинг. Да се фокусираме и да ги превенираме сите оние мерки кои можат да предизвикаат стрес, од каква било природа, рече Митревски.
Во вториот дел од настанот беа доделени Националните награди за добра пракса за БЗР во 2015 година, во категорија на големи, средни и мали компании а исто така беше презентирана и идејата за спроведувањето на проектот „Зајакнување на партнерствата на граѓанското општество и државните институции во креирање и унапредување на правото за безбедна и здрава работна средина- Основно човеково право“.