ОДРЖАНА ПЛЕНАРНА СЕДНИЦА НА РСС СОЛИДАРНОСТ И ОДБОРОТ НА МЛАДИ НА РСС СОЛИДАРНОСТ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

9-14.10.2015
 
Слика 1. Пленарна седница на Одборот на млади на РСС СолидарностСлика 1. Пленарна седница на Одборот на млади на РСС Солидарност

Во периодот од 9-14 октомври 2015 година, во Скопје се одржа регионална средба на Регионалниот синдикален совет „Солидарност“ и ЕКС на која пленарна средба имаа РСС „Солидарност“ и Одборот на млади на РСС „Солидарност“. На пленарните седници присуствуваа членките на РСС „Солидарност“ предводени од претседателите на синдикатите од Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Република Српска, Црна Гора и Македонија, како и претставници на Одборот на млади од истите земји. На оваа средба исто така присуствуваше и претставникот на Европската конфедерација на синдикати (ЕКС), г. Питер Зајденек и координаторите на регионалниот проект, Емилија Грујиќ и Горан Павлов.
 
9-14-10-2015 img2Слика 2. М-р Лидија Насковска на пленарната седница на Одборот на млади

Првиот ден од пленарната седница на Одборот на млади на РСС „Солидарност“ која ја раководеше м-р Лидија Насковска, претседател на Секцијата на млади на ССМ, вклучуваше дискусија за одржување на камп за млади, логистика и агенда, презентација за Интернет и комуникација од страна на Горан Павлов, координатор на регионалниот проект и презентација посветена на „Младите- изгубени во транзиција, политички предизвици и перспективи на младите во ЈИЕ“. Оваа тема беше презентирана од страна на Дарко Шепериќ, претставник од Хрватска кој го презентираше истражувањето спроведено во 8 земји во кое учествуваат 1200 млади лица на возраст од 14-29 години во период од 3 години, а со поддршка на Фондацијата Фридрих Еберт. Темите опфатени во оваа презентација вклучуваа: 1) начини на кои младите ја доживуваат демократијата и во која мерка го поддржуваат тој процес, 2) што мислат младите за интеграција на нивните држави во ЕУ, 3) какво влијание има членството во ЕУ во однос на демократијата и нејзините институции, 4) дали се подготвени младите да дадат свој придонес за демократија во нивните држави. По оваа презентација беше отворена дискусија во која учесниците имаа свои излагања за тешкотиите на младите за вработување во сопствените земји, како и за недостатоците на системите и Владините проекти за самовработување. Како дел од отворената дискусија беа разработени неколку прашања меѓу кои: Каква улога треба да имаат синдикатите во процесот на демократија; Која е улогата на синдикатот во процесот на ЕУ интеграција; Кои се ставовите на синдикатите по однос на членството во ЕУ; Како синдикатите да им се приближат на младите; Може ли синдикатите да влијаат на одливот на мозоци во регионот; Каков треба да биде односот на синдикатите спрема работниците мигранти; Што можат синдикатите да направат за подобрување на положбата на младите на пазарот на труд во регионот.

Слика 3. Презентација на истражување- Дарко Шепериќ, ХрватскаСлика 3. Презентација на истражување- Дарко Шепериќ, Хрватска

По однос на овие прашања се разви жестока дискусија во која се вклучија сите учесници давајќи конкретни предлози и мислења по однос на ситуацијата во секоја земја. Она што беше донесено како заклучок беше во насока на: Потреба од реформи во образовниот систем кои ќе ги следат потребите на пазарот на трудот; Отворање на нови работни места; Неинформираност на младите (недоволна запознаеност со правата од работен однос и членувањето во синдикатите, како и недоволното приближување на синдикатите до младите).

Слика 4. Реформи во синдикатот, Дарко ШепериќСлика 4. Реформи во синдикатот,
Дарко Шепериќ

Вториот работен ден на Одборот на млади на РСС Солидарност беше посветен на Реформите во синдикатите и позицијата на младите во овие реформи. Седницата беше отворена со презентација на Прирачникот за добра пракса, издаден од ЕКС кој содржи објаснувања за основните поими кои треба да бидат вклучени во сите организациски документи и статути на синдикатите согласно нивната специфика во насока на обезбедување на демократија. Исто така свое излагање имаше и претставникот од Хрватска, Дарко Шепариќ на тема: Што може синдикатот да направи за младите, а што младите за синдикатот? Неговото излагање се фокусираше на потребата, областите и предизвиците од реформите на синдикатите во насока на реформи во: организациската структура, подобрувањето на услуги, спроведување на реформи во активностите, промена на начинот на однесување со сите чинители, промена во однос на комуницирањето, интерно и екстерно, организациска култура, финансии и подобрување на имиџот во јавноста. Пленарната седница на Одборот на млади на РСС „Солидарност“ беше затворена со донесување на конкретни заклучоци по однос на оваа тема.

 

Слика 5. Претседателот д-р Живко Митревски на пленарната седница на РСС СолидарностСлика 5. Претседателот д-р Живко Митревски на пленарната седница на РСС Солидарност

На 12.10.2015 година започна пленарната седница на РСС Солидарност. Пленарниот состанок го отвори и со него раководеше претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, д-р Живко Митревски со статус на претседавач на Регионалниот синдикален совет „Солидарност“. Точките од дневниот ред на пленарната седница беа: 1. Работна Програма за регионалниот проект 2016; 2. Регистрација на РСС „Солидарност“; 3. Функционирање на РСС „Солидарност“; Макроекономската политика и политиката на  вработувањето која промовира формално вработување со посебен осврт за младите; Предизвици и проблеми од  преминот на неформална во формална економија.

Во рамките на пленарната седница, учесниците испратија заедничко Писмо со сочувство до нивните колеги од турските синдикати ДИСК и КЕСК, членки на ЕКС по повод терористичкиот напад кој се случи во Анкара, во кој загинаа повеќе од 97 лица а билансот на загинати се искачи над 186 и воедно најостро го осудија овој монструозен чин како и Писмо за сочувство до Синдикатот на работниците од рударството на ФБиХ и семејствата на погинатите и повредените рудари. Исто така членките на РСС Солидарност упатија писмо до директорот и генералниот секретар на  Меѓународната организација на труд, со барање по итна постапка да ја разгледа жалбата на Сојузот на самостојни синдикати на Босна и Херцеговина, во рамките на своите ингеренции и да упатат препорака на властите на БиХ, како и барање за активно вклучување на МОТ во разрешување на проблемот, посебно имајќи ја предвид тешката положба во која се наоѓаат работниците на БиХ. Како уште една заедничка активност на членките на РСС Солидарност беше и упатувањето на Отворено писмо до Собранието на Црна Гора, Владата на Црна Гора, Министерството за труд и социјална грижа и Стопанскиот суд на Црна Гора со апел за преземање мерки против антисиндикалното, дискриминационо кршење на основните права на работа во комбинатот за алуминиум. Воедно, членките на РСС Солидарност заедно и со претставниците на Одборот на млади упатија Честитка за доделувањето на Нобеловата награда за мир, која оваа година падна во рацете на Тунискиот квартет за неговиот одлучувачки придонес за изградба на плуралистичка демократија во Тунис.

Втората сесија од седницата беше посветена на социјалниот дијалог и индустриските односи во која секоја од учесниците го изнесе својот став по однос на ова прашање, презентирајќи ја ситуацијата во секоја земја.

Во однос на темата „Макроекономските политики и политики на вработување и промовирање на формалното вработување“, претседавачот д-р Живко Митревски   ја презентираше состојбата во Р. Македонија и активните политики за промовирање на  формалното вработување и очекуваните резултати од истите, изнесувајќи и официјални  податоци, за бројката на невработеност  во 2006 година (38%) во однос на сегашната која изнесува 27,8%, што е резултат од спроведувањето на активните мерки, потенцирајќи ги мерките за самовработување, кои опфаќаат околу 1000 лица и  грантови од 3000 евра за отворање на сопствен бизнис, субвенционирање на компаниите кои ќе вработуваат млади лица и сл. Во расправата по оваа тема учествуваа сите присутни, презентирајќи ја состојбата во земјата од каде доаѓаат. Како следна тема за дискусија на пленарната седница беа и предизвиците од преминот од неформална во формална економија, тема од особен предизвик за синдикатите за која беше потенцирано дека не постои универзална политика за елиминирање на ова негативна појава. Она што беше истакнато е фактот дека неформалната економија е најприсутна во градежништвото, трговијата, земјоделството, домашните работи и сл. Учесниците во расправата по оваа тема беа единствени во искажувањата дека најважни се два фактори за разрешување на оваа негативна економска појава а тоа се: индустриската револуција и подигање на свеста на работниците уште од најрана возраст. Учесниците, исто така, го потенцираа значењето од водење на кампањи, обуки и едукација на работниците со помош на меѓународните организации со цел подигање на капацитетите и нивото на знаење на самите работници во однос на заштита на нивните работнички права, со што го затворија првиот ден од пленарната седница.

Вториот ден од пленарната седница на РСС Солидарност на која присуствуваа и претставниците на Одборот на млади започна со презентирање на Извештајот на младите во однос на нивната работа во изминатите два дена. Извештајот беше презентиран од страна на м-р Лидија Насковска, по што се отвори дискусија за потребните реформи во синдикатите. На заедничката седница на која присуствуваа и лидерите на синдикатите и претставниците на Одборот на млади на РСС Солидарност се разви плодна дискусија по однос на овие прашања, од која произлегоа конкретни чекори за нивно понатамошно спроведување со поддршка од претседателите на синдикатите.
 
Слика 6. Претседателите на синдикатите членки на РСС Солидарност со претставници на Одборот на младиСлика 6. Претседателите на синдикатите членки на РСС Солидарност со претставници на Одборот на млади

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc