ПРАВОТО НА РЕГРЕС ЗА ГОДИШЕН ОДМОР ОСТАНУВА - ПРОДОЛЖЕН ОКД ЗА ПРИВАТЕН СЕКТОР ОД ОБЛАСТА НА СТОПАНСТВО ЗА УШТЕ 2 ГОДИНИ
13.7.2015
Слика 1. Претседателот на ССМ, д-р Живко Митревски и претседателот на ОРМ, Ангел Димитров на преговорите
Сојузот на синдикатите на Македонија и Организацијата на работодавачи на Македонија по повеќе средби, на ден 13.7.2015 година го потпишаа текстот на Спогодбата за именување и дополнување на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството.
Социјалните партнери во Спогодбата се договорија правото на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40% од просечната месечна нето плата по работник во РМ исплатена во последните 3 месеци, која претставува основица за исплата, да остане и понатаму и истото да го користат сите вработени во приватниот сектор.
Ценејќи ја економската и финансиската состојба, постоењето на последиците од економската, финансиска и должничка криза и потешкотиите кај одделни работодавачи, а со цел да се обезбеди сигурноста на работните места и елиминирање на опасноста од нивно губење, партнерите како исклучок договорија дека правото на регрес за годишен одмор може да се утврди и во помал износ од утврдениот, но само доколку се постигне спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација, но по претходна задолжителна консултација со синдикатот на ниво на гранка или оддел. Кај работодавачите во кои нема формирано синдикат, спогодбата се потпишува со избран претставник од работниците.
Социјалните партнери се договорија да се продолжи и важноста на Колективниот договор за приватниот сектор од областа на стопанството за уште 2 години.
Социјалните партнери, по скоро двомесечни преговарања ја покажаа и на овој начин вредноста на социјалниот дијалог, определбата да нема кратење на работничките права, но и грижата да не дојде до нарушување на нормалниот процес на производство и губење на работни места.