ССМ – ЛИДЕР И ГАРАНТ НА ОДБРАНА И ЗАШТИТА НА РАБОТНИЧКИТЕ ПРАВА (ПРАВНА ЗАШТИТА)

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

 

16.1.2014

Слика 1: Претседателот д-р Митревски на денешната прес-конференцијаСлика 1: Претседателот д-р Митревски на денешната прес-конференција

Денес во Сојузот на синдикатите на Македонија се одржа Прес конференција за Правната заштита на ССМ во текот на 2014 година.

Претседателот д-р Живко Митревски истакна дека Сојузот на синдикатите на Македонија согласно своите статутарни определби обезбедува бесплатна правна заштита на работничките права за своето членство.
Синдикалното членство во ССМ, најдиректно и најнепосредно обезбедува заштита на своите права од работен однос пред се преку активностите на Одделението за работни односи, правна заштита и колективно договарање при ССМ и соодветните синдикати каде работниците членуваат.

Активностите за заштита на работничките права ги преземаат овластените правни застапници и синдикалните претставници во 10 Регионални синдикални претставништва (Скопје, Битола, Велес, Делчево, Кавадарци, Куманово, Охрид, Прилеп, Тетово, Штип) како и во Синдикалните канцеларии (во Ресен, Свети Николе, Берово, Виница, Кочани, Гевгелија, Неготино, Крива Паланка, Дебар, Струга, Македонски Брод , Гостивар, Кичево, Струмица, Пробиштип, Радовиш).

Во текот на 2014 година во Сојузот на синдикатите на Македонија се евидентирани 2243 обраќања (по разни правни основи) за заштита на правата од работен однос. (Во 2013 се евидентирани 3633 обраќања за заштита на правата од работен однос)

Одделението за работни односи, правна заштита и колективно договарање, регионалните синдикални преставништва и канцеларии и синдикатите ги преземаа сите законски расположливи мерки и активности за да се постигне максимум во остварувањето на работничките права.

Најголем број на обраќања во  2014 г  се од следните синдикати:

  • Синдикатот на работниците од АГРО индустрискиот комплекс на РМ, (АГРО) - 779 обраќања
  • Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на РМ, (СИЕР) – 570
  • Синдикатот на работниците од угостителство, туризaм, комуналното-станбено стопанство, занаетчиство и заштитни друштва на РМ, (СУТКОЗ) - 300
  • Синдикат за градежништво, индустрија и проектирање на РМ (СГИП) – 207
  • Самостоен Синдикат на работниците од здравство фармација и социјална заштита на Македонија - 61
  • Синдикат на работниците од шумарството, дрвната индустрија и енергетика на Република Македонија - 47
  • Синдикат на работниците од Управата, Правосудните органи и Здруженијата на граѓани на Р. Македонија - (УПОЗ)- 66
  • Синдикат на работниците од сообраќај и врски на Р. Македонија - (СРСВМ) - 21

Број на обраќања по поодделни правни основи во текот на  2014  

Најголемиот број на обраќања се во врска со неисплатени плати, придонеси и надоместоци вкупно 1241 обраќања, потоа следуваат обраќањата по основ на права во стечајна постапка- 538, обраќање во врска со  правото за годишен одмор и регрес за годишен одмор – 161 и по основ на прекувремена работа - 125.

ПОДАТОЦИ ЗА ДОСТАВЕНИ ПРЕТСТАВКИ ДО ССМ ЗА НЕИСПЛАТЕН РЕГРЕС ЗА ГОДИШЕН ОДМОР

Сојузот на синдикатите на Македонија согласно анализите кои ги прави по завршувањето на 2014 година и информациите и податоците  кои ги добива од страна на работниците за исплаќање односно за неисплаќање на Регрес за годишен одмор констатира дека помал број работодавачи ја немаат исполнето обврската за исплата на регрес за годишен одмор на работниците во висина од најмалку 40 % од просечната месечна нето плата по работник во РМ.  Во првите десетина денови од 2015 година до ССМ пристигнаа укажувања по е-пошта за непочитување на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството  во делот на исплата на регресот за годишен одмор и тоа од фирми текстилната индустрија од Тетово и Битола и фирми од агро секторот од  Свети Николе.

За овие претставки, ССМ достави Барања за вршење на инспекциски надзор до Државниот трудов инспекторат. Исто така пристигнаа и анонимни телефонски претставки од вработени за неисплатен регрес за годишен одмор во три компании од Текстилната индустрија од Кочани, Велес и Скопје, во три компании од градежништво од Скопје, неколку медиуми,  агенција за обезбедување, некои брокерски куќи, и неколку ресторани од угостителството во Скопје и за една компанија од агро секторот од Велес.
За 3 компании ССМ има доставено Барање за вршење на инспекциски надзор и 17 компании за кои вработените пријавиле анонимно по телефон до ССМ.

Вкупно до ССМ доставени се дваесет претставки.

Покрај укажувањата и жалби за неисплатен регрес за годишен одмор дел од укажувањата се дека и работодавачот ја намалил платата на работниците, а потоа им исплатил регрес за годишен одмор.

Сите конкретните жалби и претставки ССМ преку своите служби и правните застапници ги проследува до Државниот инспекторат за труд за понатамошно постапување,  а за истите од страна на ССМ ќе бидат превземени и соодветни правни дејства за остварување на ова работничко право утврдено во Општиот колективен договор кој се применува и е задолжителен за сите работници од приватниот сектор од областа на стопанството.

ССМ во периодот кој следи во заедничка соработка со Министерството за труд и социјална политика и Државниот инспекторат за труд ќе врши контрола за исплатата на регрес за годишен одмор, а во исто време  апелираме и до Државниот инспекторат за труд да врши зачестени контроли кај работодавачите од приватниот сектор од областа на стопанството во делот на исплатата на регрес за годишен одмор за 2014 година, истакна претседателот д-р Митревски.

До ДИТ се доставени 70 претставки од кои 62 се од познат подносител и 8 анонимни пријави. Претставките се однесуваат за неисплатен регрес во 54 фирми, при што констатирано е дека 19 работодавци на 118 работници им исплатиле регрес, по донесените решенија од страна на инспекторите за труд. Кај 35  работодавци наведени во пријавите на граѓаните постапката е во тек.

Во текот на 2014 година имаше обраќања од работници, вработени во околу триесетина компании кои не се членови на синдикатите.

Доколку сите овие наведени правни дејствија работниците би ги презеле приватно, преку адвокати потребно би било да се издвојат околу 13.461.342 денари ( минатата година трошоците изнесувале  17.841.094,00 )

За 538 стечајни постапки оваа година трошоците изнесуваат 2.517.840 денари, (минатата година за 323 стечајни постапки – издвоени се 1.623.960,00 )

Претседателот д-р Живко Митревски, најави дека до Економско- социјалниот совет ќе биде предложена измена и дополнување на Законот за работни односи во делот на годишниот одмор поточно вториот дел од годишниот одмор да се користи во неколку делови, како и работникот да има право наместо еден ден да користи два дена од годишниот одмор во денови коишто самиот ќе ги определи.

Исто така во следниот период ССМ ќе настојува и работниот однос во Република Македонија да биде претежно на неопределено време за сите работници вклучително и за работниците во економските зони, а воедно и апелираше да се намалат трошоците за живот како резултат на намалување на цените на енергенсите.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc