МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА СО МЕЃУНАРОДНИОТ СЛАВЈАНСКИ УНИВЕРЗИТЕТ
11.12.2014
На ден 11.12.2014 год. во просториите на Меѓународниот Славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“, Свети Николе, беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Сојузот на Синдикатите на Македонија- ССМ и Меѓународниот Славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“, Свети Николе.
Меморандумот за соработка го потпишаа претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, д-р Живко Митревски и Ректорот на овој универзитет, проф. д-р Душан Николовски. На потпишувањето на меморандумот присуствуваа и високи претставници од универзитетот, меѓу кои и генералниот директор, м-р Борче Серафимовски, Проректорот, проф. д-р Александар Гроздановски и Деканот на Факултетот за правни науки, д-р Александар Илиевски.
Двете страни потписнички се обврзаа дека соработката ќе ја остваруваат преку заемна едукација на работниците и студентите.
По потпишувањето на меморандумот за соработка беше организирана и прес- конференција за новинари. На оваа прес- конференција претседателот на ССМ, д-р Митревски, го истакна своето задоволство од потпишувањето на меморандумот и ја нагласи потребата од ваквиот вид на соработка, која за ССМ ќе има големо значење во поглед на подигнување и зајакнување на капацитетите, како на вработените, така и на целокупното членството на ССМ. Преку овој облик на соработка ќе се образуваат и студентите како млади кадри за значењето и улогата на синдикатот, а исто така оваа соработка е од големо значење поради претстојното отварање на едукативниот центар во ССМ за кое ќе биде потребно ангажирање на еминентни професори од обласата на правото и безбедноста и здравјето при работа. Oвој универзитет е единствен во Македонија кој овозможува едукација на стручни лица за безбедност и здравје при работа.
Овој настан претседателот д-р Митревски, го искористи и да оствари средба и работна посета на универзиетот. Од страна на претставниците на универзитетот, на претседателот му беше објаснета целокупната поставеност и функционирањена универзитетот, нивната заложба и начинот на работа.