ОДРЖАНА ПЕТТА РЕГИОНАЛНА ТРКАЛЕЗНА МАСА ПОСВЕТЕНА НА СОЦИЈАЛНИОТ ДИЈАЛОГ НА ЗЕМЈИТЕ ОД ЈИЕ ВО СОФИЈА
24-26.11.2014
На 25.11.2014 година во Софија, во организација на Фридрих Еберт Фондација и бугарското Министерство за труд во трипартитен состав од министерството за труд, претставници на репрезентативните синдикати и работодавачи, беше одржана конференција на највисоко ниво на која се разговараше за социјалниот дијалог во овие земји. Министрите за труд од Република Бугарија, Хрватска, Романија, Македонија, Црна Гора, Србија и Албанија заедно со синдикатите и работодавачите ги презентираа своите искуства и достигнувања во спроведувањето на социјалниот дијалог во матичните држави, можностите и персективите, како и заканите предизвикани од глобалната светска криза.
Од страна на претставниците на МОТ повторно беа потенцирани меѓународните стандарди и нивното значење.
Во своите обраќања на претставниците од Република Македонија, министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, претставник од секторот за финансиски прашања од МТСП, Михајло Коштримовски, претседателот на Сојузот на сидникатите на Македонија, д-р Живко Митревски и претседателот на Самојстојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Љубиша Каранфиловски, беше укажано на значајните резултати и начинот на остварување на социјалниот дијалог во Р. Македонија, напредокот во работното законодавство и креирањето на низа нови историски закони. Ваквите тврдења беа потврдени и од претставниците на работодавачите.
По однос на социјалниот дијалог и работното законодавство, од присутните беше промовирана општа оценка дека Р. Македонија е позитивен пример на овој план за разлика од низа случувања од многу други земји. Општа прифатена оценка е дека социјалниот дијалог е незаменлива алатка за решавање на заедничките проблеми меѓу социјалните партнери.
На оваа дводневна конференција беше разговарано и по однос на други теми вклучувајќи и одредување на плата според трудот, неформален сектор и несигурно вработување.