ПОТПИШАН КОЛЕКТИВНИОТ ДОГОВОР ЗА ВРАБОТЕНИТЕ ОД ЕНЕРГЕТИКА И СТОПАНСТВО ВО Р. МАКЕДОНИЈА
20.11.2014
Самостојниот синдикат на работниците од енергетика и стопанство на Р. Македонија- ССЕСМ и здружението на работодавачи од енергетиката при Организацијата на работодавачи на Македонија- ОРМ, денес го потпишаа колективниот договор за регулирање на правата и обврските на социјалните партнери во оваа област.
Целта на овој колективен договор е да се применат меѓународните работни стандарди, да се изедначат условите за работа на ниво на гранката и да се утврди одредена рамка на права кои треба да им се овозможат на вработените, со што ќе се одржува лојалната конкуренција помеѓу работодавачите.
„Цврсто стоиме на констатацијата дека вистинскиот социјален дијалог нема алтернатива и само преку негов континуитет, сите отворени прашања можат квалитетно и долгорочно да се решаваат”, изјави г-дин Вернер Хенгст претседател на Здружението за енергетика при Организацијата на работодавачи на Македонија.
Задоволство од потпишувањето на договорот искажа и Претседателот на Самостојниот синдикат на работниците од енергетика и стопанство на Р. Македонија, г-дин Роберт Симоноски, кој истакна дека со овој чин се верификувани и заштитуваат економските и социјалните права на работниците во енергетиката. Според него, ова е потврда за воспоставување на одговорно социјално партнерство со имплементирање на европски стандарди за заштита при работа, и за социјално економската и општествена одговорност на компаниите членки и потписници на овој колективен договор.
Работодавачите и гранковиот синдикат заеднички оценуваат дека со овој чин социјалните партнери недвосмислено покажале дека имаат меѓусебно разбирање и интерес да ги почитуваат и спроведуваат меѓусебните права и обврски, посебно во поглед на условите за работа, платите, надоместоците и заштитата на вработените.