ПРЕС- КОНФЕРЕНЦИЈА НА СОЦИЈАЛНИТЕ ПАРТНЕРИ ПО ПОВОД НОВИOТ ПРЕДЛОГ ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ И ЗДРАВЈЕ ПРИ РАБОТА.
5.10.2014
- СЕ ЗАЈАКНУВА УЛОГАТА НА СИНДИКАТИТЕ ВО ЗАШТИТАТА НА РАБОТНИЧКИТЕ ПРАВА И НИВНАТА БЕЗБЕДНОСТ -
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, д-р Живко Митревски, министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и претседателот на Организација на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров на 5.10.2014 година, одржаа заедничка прес конференција во просториите на Министерството за труд и социјална политика, на која информираа за Законот за изменување и дополнување на законот за безбедност и здравје при работа.
Претседателот Митревски го посочи постоењето на позитивен социјален дијалог и прифаќањето на предлози од социјалните партнери, што е поткрепено со фактот дека во овој предлог на Закон во контекст на заштитата на работниците се зголемува улогата на синдикатите во два чувствителни сегменти и тоа: синдикатот ќе води поголема грижа во зголемување на работничките права, односно се зајакнува влијанието и позитивната контрола на синдикатот во заштитата и доследно почитување на работничките права.
Новите измени го предвидуваат следново:
- Секој работодавач да изготви и спроведе изјава за безбедност за секое работно место, прецизирајќи го начинот, како и мерките кои треба да се преземат.
- По изготвената изјавата за безбедност, работодавачот е должен да обезбеди мислење од синдикатот или претставникот на вработените таму каде што нема синдикат.
- Работодавачот е должен да го обезбеди остварувањето на правото на вработените непосредно или преку претседателот на синдикалната организација, да учествуваат во утврдувањето на недостатоците и во подобрувањето на условите за работа и на работната средина кај работодавачот.
- Работодавачот е должен при планирање, набавка на работна опрема и воведување на нова технологија, да се консултира и соработува со вработените и со претседателот на синдикалната организација, заради нивното влијание по безбедноста и здравјето при работа, работните услови и работната околина.
- Работодавачот е должен да ги информира вработените и претседателот на синдикалната организација за секој вид на ризик за сите работни места, за безбедносните мерки потребни за контрола на ризиците и елиминирање на штетните последици, како и информации за вработените со посебни одговорности за прва помош, заштита од пожари и евакуација.
- Работодавачот мора да им дозволи на вработените, претседателот на синдикалната организација да учествуваат во дискусијата за сите прашања кои се однесуваат на безбедноста и здравјето при работа во согласност со овој закон и други прописи кои се донесуваат за безбедноста и здравјето при работа
- На вработените и на претседателот на синдикалната организација мора да им се презентира изјавата за безбедност, и извештајот за безбедност при работа како и спроведените мерки за безбедност и евиденција.
Претседателот на синдикалната организација, односно синдикалниот претставник на репрезентативниот синдикат или претставникот на вработените таму каде што нема синдикат ќе ги имаат следните права:
- Да ги обиколи работните места поради согледување на состојбата во врска со безбедноста при работа, најмалку два пати годишно, а по потреба и повеќе пати во годината;
- Да побара од работодавачот да преземе соодветни мерки и во таа насока да поднесува предлози со цел да се намалат опасностите за вработените и/или да се отстранат изворите на опасностите;
- Да ја извести инспекцијата на трудот за нејзино посредување, да присуствува, да ги даде своите согледувања и да има увид во записникот составен од страна на инспекторот;
- Да побара од работодавачот информации и да има пристап до изјавите за процена за безбедноста и извештаите што се обврска на работодавачот и други документи во врска со планирањето и уредувањето на безбедноста и здравјето при работа;
- Задолжително писмено да бидат известени од страна на работодавачот, веднаш, а најдоцна во рок од 48 часа од настанот, за смртен случај, колективна несреќа и повреда при работа која предизвикува времена неспособност за работа во траење повеќе од три работни дена, како и за секоја појава која преставува непосредна опасност и ја загрозува безбедноста на вработените при работа.
Работодавачот мора на претставникот да му овозможи непречено вршење на неговата функција, преку обезбедување на соодветно време и потребни средства без намалување на платата, при што не смее да го стават во неповолна состојба поради неговите активности.
Во рамки на овие измени на Законот, а на предлог на бизнис заедницата кој беше прифатен од Економско-социјалниот совет се дефинира постапката за заштита на студентите при практична работа односно се создава систем за нивна безбедна пракса.
Со следниве предлог мерки, се дефинира заштитата на студенти за време на практична работа во рудници во рамки на образовната програма.
Работодавачот е должен пред започнување со практична работа студентите во рудниците да ги запознае со мерките за здравје и безбедност при работа. Извршувањето на практичната работа во рудниците може да започне само по претходно одобрение од одговорното лице кај работодавачот за завршена обука на учениците и студентите.
Работодавачот е должен на студентите да им обезбеди лична заштитна опрема и да ги обучи за користење на истата. За време на практичната работа работодавачот и организаторот на практичната работа назначуваат одговорни лица кои ќе присуствуваат за време на изведувањето на практичната работа.
Работодавачот во соработка со организаторот на практичната работа треба да изготват план за работните места кои се безбедни за извршување на практичната работа за учениците и студентите.
Предлогот за измените на Законот за БЗР се направени на предлог на Сојузот на синдикатите на Македонија, а беше прифатен од Економско-социјалниот совет.