ОДРЖАН III-ОТ КАМП НА ОДБОРОТ НА МЛАДИ НА РЕГИОНАЛНИОТ СИНДИКАЛЕН СОВЕТ “СОЛИДАРНОСТ“
18-21.9.2014
Од 18 до 21септември во Марија Бистрица, Хрватска се одржа III камп на Одборот на млади на Регионалниот синдикален совет „Солидарност“ на кој свое учество земаа вкупно 46 членови на синдикалните централи од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Македонија, Словенија и Србија. Како гости на кампот присуствуваа гости од Австрија, членови на синдикална конфедерација OGB и PRO-GE.
Сојузот на синдикатите на Македонија го претставуваше делегација од четворица млади синдикалци членови од Секциите за млади на гранковите синдикати при ССМ .
Кампот е дел од регионален проект на Фондацијата Фридрих Еберт кој се спроведува со цел, одржување на младински кампови на кои би се разработувале теми за синдикалното дејствување меѓу младите со примарната цел- придонес на синдикатите во ЕУ интеграцијата на земјите кандидати, а притоа да се изврши вмрежување и соработка на младите синдикалци од регионот, а со тоа ќе се придонесе за зголемување на информираноста и активноста на младите и развивање на идеи а воедно да се разменуваат искуства и позитивни практики на синдикатите од земјите од регионот со активна поддршка на експерти ангажирани од Фондацијата “Фридрих Еберт“ кој ги следат директивите на ЕУ, конвенциите на МОТ и ја промовираат синдикалната соработка.
Специфичната тема за овој камп беше „Младите во синдикатот“ односно промоција и размена на меѓусебни искуства за нови начини на комуницирање и организирање на младите.
Во рамките на првиот ден од кампот беше одржана кратка презентацијата, на која беа претставени активностите на Секциите на млади од синдикалните централи на националните и гранските синдикати од земјите учеснички, каде што и Секцијата млади при ССМ имаше активно учество со своја презентација.
Преку презентацијата беа презентирани активностите на СМ СММ во однос на период од една година на полето во комуникацијата со младите, организирањето и регрутирање на младите луѓе како нови членови на гранските синдикати а со тоа зголемување на членството на ССМ.
Како добар пример од праксата на оваа тема беше презентиран проектот на СМ при Македонскиот полициски синдикат „Моја34”, проект кој предизвика заинтересираност кај сите присутни, а како доказ за тоа, за време на презентацијата беше отворена широка расправа, на која беа разменети искуства. Како севкупен заклучок и констатација од присутните беше дека овој проект е добар пример кој има своја конкретна цел, активности, видливи резултати на полето регрутирање на младите луѓе во синдикатот.
Вториот и третиот ден на кампот членовите на секоја од секциите на млади планираа мини кампањи на тема комуницирање на синдикатите со младите членови и зачленување на младите, како и прилагодување на расположливите капацитети на поедини секции на младите, како после кампот истите би се спровеле во пракса. Се дискутираа идеи за можна мини- кампања на тема комуникација и / или регрутирање на младите луѓе.
Исто така се работеше во групи на теми за мини- кампања како на пример: безбедност и заштита при работа, како да се претстави синдикатот во најдобро светло, што нуди тој за млади работници како и кампања за регрутирање на нови членови на синдикат кај одредени секторски групи и индивидуални синдикални организации и претпријатија.
Во работната сесија на кампот свое излагање имаа и гостите на кампот односно членовите од Австрија, поточно OGB и PRO-GЕ. Тие ја претставија организационата поставеност на нивните синдикални централи, со посебен осврт на својата работа на полето комуникацијата и синдикално организирање во сите стадиуми од училиште до вработување на младите луѓе во Австрија.
Како генерален заклучок од кампот беше да се основа идеја за конкретна кампања од која ќе произлезат работи и активности на сите СМ во земјите од кои доаѓаат, во насока за подготовка на кампањата и планирање на конкретен проект, со конкретно дефинирање на целта, целните групи и очекуваните резултати, изборот на алатки за комуникација како и прецизно дефинирање на сите активности чекори кои се потребни да се спроведат за успех на кампањата.