СРЕДБА СО ПРЕТСТАВНИЦИТЕ ОД УСАИД МРЕЖА „YES“ - ЗАЈАКНУВАЊЕ НА РАБОТАТА НА ЛЕСС -
26.8.2014
На ден 26.8.2014 година во просториите на Сојузот на синдикатите на Македонија, претседателот д-р Живко Митревски, имаше средба со директорот на проектот „YES“ од организацијата УСАИД од Вашингтон, д-р Мајкл Тетелман, главен меѓународен технички советник во Центарот за развој и едукација (EDC).
Целта на овој состанок беше да се разгледаат идеи и да се дадат предлози од страна на ССМ за активности со кои ќе се зајакне работата на Локални економско-социјални совети.
Претседателот Митревски, најнапред даде осврт на досегашната состојба и истакна дека:
- ССМ како репрезентативна организација на работниците во Република Македонија е определен да дејствува за унапредување и практикување на социјалниот дијалог во интерес на развојот на демократските односи и економските и социјалните права и интереси на работниците и нивната вкупна положба во општеството. За ССМ, институционализиран, рамноправен и ефикасен социјален дијалог има значајна улога и е клучен фактор во стабилизирањето на социјалните односи и постигнување на подобри економски и развојни ефекти. Тоа е најдобриот пат за стекнување меѓусебна доверба, почитување и толеранција на социјалните партнери и постигнување на социјален консензус, хармонизација на општествените и економски процеси, развој на демократските односи, постигнување на стратешките планирања и стабилизација на општиот развој на секое општество.
На иницијатива на Сојузот на синдикатите на Македонија и покренатата Кампања во 2013 година на Манифестацијата за одбележувањето на Први мај – Меѓународниот ден на трудот, во Република Македонија започна интензивно да се одвива процес за развивање на социјалниот дијалог на локално ниво и формирање на локални економско-социјални совети. Ова е потврда за потребата од институционализирање на социјалниот дијалог, особено значаен за локалните заедници во делот на креирањето на социјалните и економските политики кои ќе нудат подобра перспектива за сите.
Економско-социјалните совети остварувајќи ја својата советодавна и консултативна функција и со постигнување консензус со социјалните партнери придонесуваат за усогласување на потребите на трудот и локалната заедница, а со тоа отворање нови работни места, намалување на бројот на невработените и зголемување на вработувањата, посебно кај младата популација. Ние како ССМ сме уверени дека локалните економско-социјални совети во многу ќе ги подобрат состојбите за идентификување на потребите на пазарот на трудот меѓу приватниот и јавниот сектор; утврдување и правење соодветни анализи на меѓузависноста на образовниот систем и пазарот на трудот, потребата од доквалификација и преквалификација на работниците кои останале без работа; и воопшто подобрување на животниот стандард на работниците и граѓаните на Република Македонија.
До првата половина на 2014 година во Република Македонија се формирани 9 локални економско-социјални совети и е остварен договор со градоначалниците на општините Велес и Ресен за формирање на вакви совети и во овие градови.
Потпишани спогодби за формирање на локални економско-социјални совети во Република Македонија и членови на ЛЕСС од ССМ: Куманово, Гостивар, Тетово, Штип, Кавадарци, Струмица, Битола, Скопје и Гази Баба.
Претседателот Митревски, во однос идните предизвици како и потешкотиите кој се јавуваат при функционирањето на ЛЕСС, истакна дека повеќе треба да се работи на:
- Потенцирање на значењето на улогата на градоначалниците за давањето на поддршка за иницијативите покренати од ЛЕСС- овите;
- Едукација на градоначалниците за значењето и потребата од формирање и функционирање на ЛЕСС- овите;
- Правење на анализи за усогласување на потребите на пазарот на трудот со образованието;
- Состанок на социјалните партнери од сите општини каде има формирано ЛЕСС- ови најмалку 2 пати годишно, со цел евалуација на сработеното и размена на искуства со тоа сите ќе бидат поактивни;
- Сите учесници да пополнуваат одредени прашалници и анкети, со што процесот ќе се направи пораздвижен и ќе се допринесе за да се согледаат потребите на ЛЕСС- овите за нивно подобро функционирање.
- Да се даде поголемо значење на медиумската покриеност за време на одржувањето на седниците на Советот на ЛЕСС
- Поголема соработка со Агенцијата за вработување - АВРМ и др.
Директорот на проектот „YES“ од организацијата УСАИД од Вашингтон, д-р Мајкл Тетелман истакна дека невладината организација „УСАИД“ партиципира во основањето на локалните економско-социјални совети во Република Македонија со проектот: „Младинска мрежа за стекнување вештини за вработување“ (Мрежа „YES“), со третата компонента „Јавно- приватен дијалог“. Целта е проширување на образованието на младите, со опфаќање и на други делови од населението, вклучувајќи ги и работниците. Идејата е локалните ЕСС да претставуваат форум за размена на мислења и покренување иницијативи од интерес за локалната заедница и предложи да се отвори конкурс за конвектирање за да се натераат општините да се натпреваруваа во однос на достигнувањата со што ќе се зголеми и мотивираноста за работа во ЛЕСС- овите.
На крајот на состанокот беше донесен заклучок да се направи уште една конференција на која ќе бидат поканети повеќе градоначалници од општини во кој сеуште нема формирано ЛЕСС- ови и тие да се запознаат со потребата, значењето и достигнувањата во општините каде што ЛЕСС функционираат.