ИЗВЕСТУВАЊЕ ДО СИТЕ ЧЛЕНОВИ НА СИНДИКАТИТЕ ЗДРУЖЕНИ ВО СОЈУЗОТ НА СИНДИКАТИТЕ НА МАКЕДОНИЈА ВО ВРСКА СО ИСПЛАТАТА НА РЕГРЕСОТ ЗА ГОДИШЕН ОДМОР

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

 

Изјава на претседателот на ССМ, д-р Живко Митревски
за Телевизија „Сител“ - 27.05.2014

На 27.05.2014 година, претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, д-р Живко Митревски, за „Сител“ Телевизија, ја даде следната изјава:

„Од 1 јули стартува исплатата за регрес за годишен одмор во приватниот сектор. Без разлика дали станува збор за мали, средни или големи претпријатија, ова право се однесува за сите вработени коишто работат најмалку 6 месеци кај ист работодавач.
Ова е враќање на едно право кое навистина сметавме дека треба да го имаат работниците во Република Македонија. Висината на регресот изнесува најмалку 40% од нето- платите исплатени во последните три месеци, или околу 8.501 денар. Тоа значи дека оваа обврска започнува.

Сојузот на синдикатите Македонија наредните денови веќе ќе отпочне да води кампања за исплата на регресот за годишен одмор. Ова е отворен повик до сите работници кои се членови на синдикатите здружени во ССМ, доколку имаат одредени проблеми при исплатата да се јават во гранските синдикати во ССМ. Исто така, ова е повик и до сите работници во РМ кои работат во приватниот сектор да се зачленат во синдикатите здружени во ССМ. Ние ќе им го гарантираме правото за исплата на регресот за годишен одмор.

Сметаме дека овде не станува збор за никакво финансиско оптоварување, бидејќи се работи за сума од 8.501 денар, којашто е најниска сума што може да се исплати, а предвидено е и со колективните договори на ниво на гранка и на ниво на работодавач дека може да се исплати и поголем износ. Доколку се споредува со платата и минималната плата, може да се забележи дека станува збор за едно право коешто е присутно секаде во светот, без разлика дали, можеби, не се вика регрес за годишен одмор, туку исплата на плата за годишен одмор. Јас мислам дека сите општествено одговорни компании редовно го исплаќаат и ќе продолжат да го исплаќаат.

Можам да кажам дека сите општествено одговорни компании го почитуваат ова право. Во овие компании не сме имале проблеми и не очекуваме да имаме, вклучително и со оние компании каде што оставивме можност минималната плата да се исплатува со грејс периоди (текстил, кожа и обувки)., бидејќи со Организацијата на работодавачи на Македонија водевме долги преговори за утврдување на ова право.

Што се однесува до потпишувањето на Општиот колективен договор за вработените во јавниот сектор, сé уште сме во преговори, а по формирањето на новата Влада на РМ очекуваме да продолжат преговорите, но таму, сепак, станува збор за една друга димензија каде што платите се многу повисоки.

Законот за работните односи предвидува санкции за неспроведување на актите од колективните договори кои ги поврзува исплатата на одредени права и остварување на правата од работниот однос.

Минималните казни на почеток изнесуваат илјада евра и стигнуваат до 4 илјади евра, меѓутоа казните се многу поголеми доколку се земе предвид дека ние ќе ги водиме тие судски постапки, и доколку се земат предвид постапките и трошоците за вештаците, како и другите трошоци. Во тој случај трошоците ќе бидат далеку поголеми. Ние не очекуваме вакви проблеми, но отворено ги повикуваме сите работници, доколку имаат одредени проблеми, истите да ги пријават. Доколку станат членови на Синдикатот ние ќе им пружиме бесплатна правна заштита и ќе ја гарантираме исплатата на ова право. Ова ќе биде и еден дел од кампањата што ССМ планира да ја води.“

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc