ОДБЕЛЕЖАН ПРВИ МАЈ, МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ТРУДОТ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

01.05.2014

01.05.2014-foto1Слика 1: Изјава за медиумите на претседателот Митревски на плоштад „Македонија“

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска организираше собир по повод Први Мај, Меѓународниот ден на трудот на кој ја промовираше на кампањата: „ЗА СИГУРНИ И БЕЗБЕДНИ РАБОТНИ МЕСТА“, на плоштадот „Македонија“ во Скопје со почеток во 10.00 часот. На собирот се претставија 18 грански синдикати здружени во ССМ со свој синдикален и едукативен материјал. Придонес кон одбележувањето на овој празник и поддршка на кампањата даде и Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР).

Претседателот на ССМ, д-р Живко Митревски даде изјава за медиумите и воедно им го честита празникот на работниците, посочувајќи дека синдикатот и натаму ќе работи на унапредување на нивните права.
„ССМ како најмасовна синдикална организација е решена достојно да ги застапува правата и интересите на работниците, да го унапредува работното законодавство и да го усогласува со она во ЕУ и со европските директиви“, изјави претседателот Митревски. Тој посочи дека од 2010 досега се донесени неколку важни закони, како што е Законот за минимална плата. И ако ја направиме таа разлика од 2010 до сега, 98,85 % ја зголемивме минималната плата. Имплементиравме 19 директиви на ЕУ во работното законодавство, 8 конвенции на Меѓународната организација на трудот, ги одбранивме во услови на најтешка економска и финансиска криза трите основни столба: не дозволивме масовни отпуштања, намалување на платите, зголемување на пензиската граница, туку ги зголемивме висините на платите, истакна Митревски.

Со потпишувањето на Општиот колективен договор за приватен сектор од областа на стопанството, вратен е и регресот за годишен одмор, право за 2014 година на сите работници во приватниот сектор. Оваа година, слично како и минатите, продолжуваме со нашите заеднички активности да го потпишеме и општиот колективен договор за јавниот сектор каде што ќе обезбедиме надоместоци за сите вработени во овој сектор.

Сојузот на синдикатите на Македонија оваа година ја реализира кампањата „ЗА БЕЗБЕДНИ И СИГУРНИ РАБОТНИ МЕСТА“. „Спремни сме како ССМ преку нашите барања за измени и дополнувања на Законот за безбедност и здравје при работа да ја подигнеме значајно одговорноста на сите субјекти во претпријатијата, да го подигнеме значењето на претседателот на синдикалната организација и да му овозможиме со овие измени да биде контролор во делот на спроведувањето на сите мерки за безбедност. Работодавачот ќе има обврска да го информира за сите видови на активности кои ги презема“, изјави Митревски.

Претседателот Митревски истакна и дека во минатата година имаше 98 несреќи од кои 28 со фатални последици. ССМ оваа кампања ќе ја води заеднички со сите релевантни субјекти, и очекува дека ќе се подобри сигурноста на работните места на вработените.

По завршувањето на активностите по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на трудот Советот на ССМ ја одржа Тринаесеттата свечена седница на која присуствуваа членови на Советот и поканети гости.

01.05.2014-foto2Слика 2: Отворање на свечената седница на Советот на ССМ

Претседателот д-р Митревски ја отвори свечената седница и во своето обраќање до присутните го истакна следново:

Сојузот на синдикатите на Македонија континуирано се залага за унапредување на безбедноста и здравјето при работа во работните средини, што претставува клучен сегмент во обезбедувањето на пристојна работа за сите работниците во државата.

Согласно конвенциите на МОТ и европските директиви и препораки, обезбедувањето на здрави и безбедни услови при работа е обврска на сите субјекти во општеството:

  • работниците и синдикатите,
  • работодавачите и нивните претставници и
  • Владата и институциите на државата.

Потребна е заедничка активност и трипартитно единство на сите социјални партнери во државата кои по пат на меѓусебно координирана акција ќе придонесат за унапредување на целокупниот систем за обезбедување на сигурни и безбедни услови за работа. Одржливоста на тој систем треба да се темели врз прецизна законска и институционална основа. Примарна одговорност за здравјето и безбедноста на работниците во работните средини имаат работодавачите кои треба да обезбедат највисок можен стандард на здравје и безбедност при работа што е во интерес на работниците, претпријатијата и пошироката заедница. Тоа значи дека претпријатијата се должни да инвестираат во безбедни технологии, во унапредување на условите на работните места и во превенцијата на професионалните болести и повреди при работа.

Сојузот на синдикатите на Македонија смета дека покрај работодавачите и работниците и синдикатите, исто така, треба да имаат значајна улога во обезбедувањето на здрави и безбедни услови при работа.
Залагајќи се за унапредување и подобрување на целокупниот систем за безбедност и здравје при работа, ССМ смета дека треба да се обезбеди прецизна, конкретна и активна улога на претседателот на синдикалната организација, односно на синдикалниот претставник на мнозинскиот синдикат, претставникот на вработените за безбедност и здравје при работа и претставникот за информирање и консултирање.

Поради тоа, ССМ покренува Иницијатива за измени и дополнување на Законот за безбедност и здравје при работа, во насока на измена на неколку членови, почнувајќи од измената на член 13, 26, 27 и член 30 и со предложените измени се залага за:

  1. Активна улога и значење на претседателот на синдикалната организација, односно синдикалниот претставник на мнозинскиот синдикат и претставникот на вработените за безбедност и здравје при работа, при преземањето на мерки и активности за обезбедување на здрави и безбедни услови при работа во работните средини.
  2. Унапредување на колективното договарање, потпишување колективни договори во кои ќе се предвидат сите прашања поврзани со безбедноста и здравјето при работа.
  3. Законска измена согласно која работодавачот е должен веднаш писмено да ги извести претседателот на синдикалната организација, односно синдикалниот претставник на мнозинскиот синдикат, претставникот на вработените за безбедност и здравје при работа и претставникот на вработените за информирање и консултирање, за секој смртен случај, колективна несреќа, повреда при работа која предизвикува времена неспособност за работа во траење повеќе од 3 работни дена, како и за секоја појава која претставува непосредна опасност и ја загрозува безбедноста на вработените при работа.
  4. Целосно и навремено консултирање и соработка со претседателот на синдикалната организација, односно на синдикалниот претставник на мнозинскиот синдикат и претставникот на вработените за безбедност и здравје при работа на планот на унапредување на условите за безбедност и здравје при работа, особено при планирање и набавка на опрема или воведување на нови технологии за работа, задолжително и навремено информирање на синдикалните претставници за секој вид на ризик на работните места и консултирање во врска со мерките за контрола на ризиците и елиминирање на штетните последици.
  5. Обврска на работодавачот задолжително да ги запознае и да им ја презентира содржината на изјавата за безбедност, извештајот за безбедност при работа и спроведените мерки за безбедност на претседателот на синдикалната организација, односно синдикалниот претставник на мнозинскиот синдикат и претставникот на вработените за безбедност и здравје при работа.

ССМ смета дека со предложените измени на законот ќе се зајакне положбата и улогата на претседателот на синдикалната организација, односно синдикалниот претставник на мнозинскиот синдикат, претставникот на вработените за безбедност и здравје при работа и претставникот за информирање и консултирање, односно ќе се овозможи целосно, брзо и ефикасно остварување на нивните цели и задачи согласно меѓународните конвенции и европските директиви и политики.

Со законските измени улогата на претседателот на синдикалната организација, односно синдикалниот претставник на мнозинскиот синдикат, претставникот на вработените за безбедност и здравје при работа и претставникот за информирање и консултирање нема да биде само формална, туку истите ќе имаат реални и прецизно дефинирани задачи да делуваат во насока на создавање на здрави и безбедни услови за работа во работните средини по теркот на европските и светските примери.

ССМ покрај оваа кампања во текот на цела година ќе води и кампања за обезбедување на сигурни работни места.

ССМ лоцираше низа проблеми во спроведувањето на работничките права, посебно во компаниите кои се формирани во новите индустриски зони. Следна, не случајно наша намера во рамките на оваа кампања, кампања за сигурни работни места што се наметнува посебно во изминативе години кај нас и во светот, е борбата против нееднаквоста помеѓу работниците. Станува збор за општествено економска неповолност која е на повидок и која се случува во Европа, а и кај нас. За почеток ние во РМ ќе бараме достојно почитување на работничките и синдикалните права во сите претпријатија во индустриските зони. Најавуваме кампања која ќе ја реализираме во сите новоформирани компании во индустриските зони. Тоа се клучни активности кои Сојузот на синдикатите на Македонија заедно со здружените синдикати планираат да ги реализираат, со цел да се врати достоинството на трудот, да се врати довербата и да се зборува за нови дополнителни историски резултати.

Честит Први Мај, Меѓународниот ден на трудот.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc