ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА 50 ГОДИШНИНАТА ОД ПОСТОЕЊЕТО НА БИТОЛСКИ ВЕСНИК

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

29.04.2014

29.04.2014-foto1Слика: Претседателот Митревски со Менде Младеновски, директор и одговорен уредник на Битолски Весник

По повод одбележувањето на 50 годишнината од постоењето на Битолски весник, Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, д-р Живко Митревски и претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Македонија присуствуваа на организираната прослава во Народниот театар во Битола. Во присуство на голем број на гости беа доделени повеќе признанија и плакети на основачите и заслужните работници во Битолски весник. Весникот е основан во далечната 1964 година.

Во врска со големиот јубилеј претседателот на ССМ даде осврт за монографијата на Битолски весник и интервју.

Осврт за монографија на Битолски весник

Во секоја држава, па и во нашата, постојат повеќе брендови поврзани со историјата, културата, традицијата, начинот и културата на живеењето. Секако дека ова истото важи и за секој град, а посебно за Битола која е препознатлива по многу нешта. Но, кога зборуваме за препознатливоста за секојдневното живеење, за меѓусебното комуницирање и информирање, неодминлив е впечатокот дека битолчани се нераскинливо поврзани со Битолски весник. Тоа е препознатлив бренд кој ги овековечува настаните, личностите, градот и е хроничен на живеењето на битолчани.

Информациите и нивниот пласман се одбележуваат на секаков начин, посебно сега и во услови на новата ера на технологии, но останува неодминлив впечатокот дека тоа не е истото, ако пред вас не го имате Битолски весник, мирисот на свежо отпечатената боја и чувството кога истиот го купувате од трафика. Битолски весник е нераскинливо поврзан со многу организации и здруженија, но нераскинлива е врската на Битолски весник со синдикатот и синдикалното движење во Битола.

Многу настани, многу личности, многу штрајкови, многу работнички судбини не ќе беа препознатливи, не ќе беа дообјаснети, не ќе беа решени, ако истите не беа дел и од Битолски весник. Битолски весник и понатаму останува бренд на информирањето, па и на синдикалното информирање. Во оваа смисла посакуваме уште многу години опстојување на овој бренд и на синдикалното информирање во него.

Интервју на Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, д-р Живко Митревски за 1- ви Мај

Битолски весник:

Сојузот на синдикатите на Македонија последниве неколку години Први мај го одбележуваше со реализација на повеќе кампањи. Дали и оваа година ќе продолжите со ваквиот начин на прославување?

Ж.М.

Сојузот на синдикатите на Македонија неколку години наназад реализираше повеќе конкретни кампањи кои доведоа до конкретно реализирање на повеќе барања на синдикатот. Од типот на донесување на Законот за минимална плата, Законот за забрана за психичко вознемирување, односно за мобинг, формирање на повеќе економско-социјални совети, Кампања за мобилизирање и организирање на ново членство и сл. Иако често пати од одредени субјекти бевме повикувани за начинот на одбележување на празникот Први мај, ние со конкретни чекори и конкретни резултати покажавме дека оваа стратегија имајќи ги во предвид резултатите се покажа многу поуспешно отколку да се применува познатиот синдикален фолклор при одбележувањето, а без притоа да се има резултати кои ќе одат во прилог на заштита на интересите на работниците.

Минатата година само да напоменам водевме кампања за формирање на економско-социјални совети на локално ниво која даде исклучителни резултати и овозможи реализирање на социјалниот дијалог на едно институционално ниво, многу повисоко ниво кое придонесе за зајакнување на позициите на синдикатот. Такви совети формиравме во Скопје за првпат во историјата, во Гази Баба, Битола, Гостивар, постигнавме согласност за формирање во Охрид, Ресен, формирани се вакви совети и во Тетово, Штип, Кавадарци, Куманово и Струмица.

Оваа година планираме реализација на повеќе активности од кои централната ќе се реализира со собирање на нашите членови на Плоштадот Македонија во Скопје, каде што покрај презентирањето на 18 грански синдикати – здружени во ССМ ќе ја промовираме и кампањата посветена на Безбедни и сигурни работни места. Во рамките на кампањата ќе ја промовираме и иницијативата за измени на Законот за безбедност и здравје при работа каде што ќе настојуваме преку измените да обезбедиме поактивно учество и улога на претседателите на синдикалните организации, односно на синдикалниот претставник во сите активности поврзани со обезбедување на здрави и безбедни услови за работа во работните средини.

За да се оствари законската улога на претседателот на синдикалната организација, односно на синдикалниот претставник на мнозинскиот синдикат и претставникот на работниците за безбедност и здравје при работа на планот на унапредување на условите за безбедност и здравје при работа, ССМ смета дека законската регулатива во постојниот Закон треба да се унапреди во правец на уредување на одредби за целосно и навремено консултирање и соработка со синдикалните претставници при планирање и набавка на опрема или воведување на нови технологии за работа, задолжително и навремено информирање на синдикалните претставници за секој вид на ризик на работните места и консултирање во врска со мерките за контрола на ризиците и елиминирање на штетните последици.

Со оглед на тоа што ССМ беше повикуван за начинот на реализација на кампањите оваа година на секој оној кој го чувствува празникот дека треба да го одбележи и со присуство и на тој начин да му оддадат почит му овозможуваме тоа да го направи во рамките на собирањето на членовите на синдикатите – здружени во ССМ, но и на сите оние други синдикати како и на одредени организации кои сакаат да оддадат чест на овој празник.

Сметаме дека на овој начин ќе обезбедиме можност да ја продолжиме стратегијата на работење по поодделни кампањи во текот на цела година, но и овозможување секој оној кој смета дека треба да излезе на Први мај и да оддаде почит кон празникот тоа да го направи и да ни се приклучи.

Втората димензија на кампањата е да ја обезбедиме и сигурноста на работните места не само од аспект на обезбедување на безбедни и здрави работни места и услови, туку и обезбедување на сигурност на работното место, и задржување на работните места во услови на светската економска финансиска и должничка криза. Тоа се две компоненти на кои ќе работиме првомајски, не само еден ден, не само за први мај, туку како што напомнавме првомајското прославување за нас трае цела година, со активности на сите полиња, со реализација на конкретни чекори и конкретни резултати кои одат во прилог на заштитата на правата и интересите на работниците.

Б.В.

Севкупната криза имаше сериозно влијание и притисок врз синдикалното движење не само во Европа, туку и во опкружувањето. Сведоци сме на големи намалувања на работничките права во работното законодавство во соседните држави и во Европа. Како ССМ се справуваше со ваквите притисоци од кризата?

Ж.М.

ССМ за разлика од голем број на синдикални движења имаше јасна стратегија и благовремено уште со почетокот на кризата напоредно со актикризните мерки на Владата можам да кажам дека сме еден од единствените синдикати кој упати и пакет на анти- кризни мерки до Владата на РМ, кој беше еден вид и на Платформа околу кој го водевме социјалниот дијалог и не дозволивме не само отпуштања од работа, туку не дозволивме ниту намалувања на плати, ни пак зголемување на пензиската граница. Ќе напоменам само неколку наши достигнувања и остварувања:

  •  На Иницијатива на ССМ, во интерес на работниците кои одеа во прилог на подобрување на положбата на работниците, се направија: Измени и дополнувања на Законот за работните односи; за првпат во Република Македонија се донесе Закон за минимална плата; Закон за спречување на психичко вознемирување на работното место – мобинг; Закон за европски работнички совет;
  • ССМ придонесува во евроинтеграциските процеси на РМ: покрена Иницијатива и се ратификувани 8 конвенции на Меѓународната организација на трудот и 19 директиви на Европската Унија;
  • На Иницијатива на ССМ се склучи нова Спогодба за формирање на Економско-социјалниот совет на национално ниво и локални економско-социјални совети во 9 општини: Скопје, Гази Баба, Битола, Куманово, Кавадарци, Штип, Тетово, Гостивар, Струмица;
  • Ја промовиравме синдикалната минимална кошница;
  • Го потпишавме Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството со Организацијата на работодавачи на Македонија;
  • Преговараме со Владата на РМ за потпишување на Општиот колективен договор за јавниот сектор;
  • Потпишани се 14 грански колективни договори, а во континуитет се потпишуваат колективните договори на ниво на работодавач;
  • Пружаме заштита на правата од работа и бесплатна правна помош и застапување на нашето членство;
  • ССМ стана членка на Меѓународна конфедерација на синдикатите- ITUC и е асоцијативна членка на Европската конфедерација на синдикатите- ETUC.

Б.В.

Го споменавте усогласувањето и потпишувањето на Колективниот договор за стопанство, кој меѓу останатото предвидува работодавачите задолжително да го исплаќаат регресот за годишен одмор или популарно наречениот К-15 за сите работници. Какви се вашите очекувања во спроведувањето?

Ж.М.

Како што напомнав ССМ за разлика од опкружувањата каде што имаме пад на работничките права направивме уште еден историски исчекор и со потпишувањето повторно го вративме правото за исплата на регрес за годишен одмор. Освен ова сметавме дека со одредени измени ќе придонесеме и допрецизирање на ефикасноста во спроведување на Колективниот договор и подигнување на деловната атмосфера како и на продуктивноста со исплатата на ова право. Во овој Колективен договор воведовме и неколку други новини, дадовме можност со КД на ниво на работодавач да се допрецизираат и основите за мобингот, да се воведе нов институт, а тоа е синдикален претставник за информирање и консултирање, ценејќи дека синдикатите мора да бидат подобро информирани од страна на работодавачите, утврдени се и голем дел на други надоместоци за кои се договоривме дека мора да опстојат во Колективниот договор. Често ни беше поставувано прашањето дали ова право ќе се почитува и недвосмислено е дека согласно член 205, став 1, од ЗРО, јасно е дефинирано дека правата од ОКД се применуваат непосредно и се задолжителни за работодавачите и вработените во приватниот сектор. Оваа обврска важи за сите претпријатија во приватниот сектор без оглед на тоа дали се мали, средни и големи, а исто така предвидени се и сериозни санкции за оние работодавачи и одговорни лица кои нема да ги применуваат овие одредби.

Б.В.

Г-дине Митревски направивте паралела помеѓу одредени случувања во поглед на платите и нивното намалување за разлика од она што се случуваше во Македонија. Какво е вашето мислење во поглед на политиката на плати во РМ?

Ж.М.

Политиката на плати за ССМ е од примарно значење и претставува еден од основните механизми за заштита во борбата против сиромаштијата и одржување и унапредување на стандардот на вработените и граѓаните. Ваквата политика е основа и за реализација на одржлив економски развој преку зголемување на домашната побарувачка, како и фактот дека целите за социјалната правда мора да имаат суштинско место во креирањето на политиката на плати и макро економската политика. Ние уште од почетокот од 2010 па натаму се соочивме со катастрофално ниски плати кои се движеа помеѓу 4.500 и 5.500 денари и не случајно меѓу првите активности беше потребата од донесување на Законот за минимална плата со кој обезбедивме зголемување на платите на вработените скоро за 90%, а ваквиот тренд на зголемување на платите продолжи и со донесувањето на Законот за измени и дополнувања на минималната плата, кој обезбедува зголемување на платите до 2016 година за висина од 25,22% од претходно утврдената, а зголемувањето во дејностите каде што има одложено исплаќање, односно грејс период до 2018 година ќе биде во висина од 46,96%. Самиот факт што со ваквото зголемување се опфаќаат од 60 до 65 илјади работници дополнително зборува за значењето на ваквиот чин.

Ова е уште една конкретна потврда дека ССМ и социјалните партнери и во најтешки услови каде се бележи пад во голем број на средини и држави на платите и до 30% во РМ се изнаоѓа начин на кој се врши подобрување на стандардот на вработените.

Б.В.

Синдикатите во текот на оваа година беа исправени пред предизвикот поврзан со реформите во администрацијата. Каков беше вашиот однос?

Ж.М.

Реформите во администрацијата треба да обезбедат департизација, деполитизација, да обезбедат ефикасна и ефективна администрација подеднакво регулирање на статусот на вработените во јавен сектор, обезбеден полесен пристап на примателот на услугите, правичен пристап до работните места, обезбедена мотивација и транспарентен приод и соочување со одговорностите. Тоа е првата страна, а втората страна за нас за синдикатите беше обезбедувањето на објективноста и елиминирање на субјективизмот, сигурност на работниот однос и транспарентен систем во цел овој процес, а поради тоа направивме драстичен исчекор и како резултат на преговорите со Владата, односно Министерството за информатичко општество и администрација во рамките на преговарачкиот процес беа прифатени, а потоа и амандмански реализирани голем дел на предлози и забелешки на синдикатите. Како резултат на ова направивме драстичен напредок со тоа што покрај Законот јасно дефиниравме дека сите прашања ќе бидат дефинирани и со КД во делот на оценувањето на административните службеници во соодветната комисија, обезбедивме претставник на синдикалните организации, намалено е учеството на оценката на претпоставениот од 75 на 65%, направивме измени во делот на износот и времетраењето на намалувањето на платата за слаб учинок кај службениците кои деловно задоволуваат од 30 на 20%, а за останатите од 20 на 10%, а се намали и периодот во кој трае намалувањето, наместо 1 година на 6 месеци. Ова се конкретни чекори каде што синдикатите преку креирање на социјалниот дијалог кој претходно го воспоставивме обезбедија и го реализираа своето мислење на конкретен начин.

Б.В.

Што ќе преземе ССМ во текот на идниот период и кои се вашите пораки?

Ж.М.

ССМ како и во претходните неколку години со конкретни активности и конкретни чекори придонесуваше и ќе придонесува за подобрување на социјално-економската состојба на вработените. Во ваа смисла не само што обезбедивме подобрување на законската регулатива, донесување на низа историски закони, обезбедивме и што е многу битно во овие моменти најконкретна правна помош за нашите членови на синдикати, само во текот на минатата година имавме над 3.633 обраќања, за кои ако се земе во предвид нашиот ангажман на правните застапници по територија во ССМ обезбедивме и финансиски средства од над 17 милиони денари со кои практично им помогнавме на нашите членови вклучително и на голем број на стечајни работници во преку 323 стечајни постапки со над 200 дадени совети, и со обезбедена правна помош во висина од 1.623.960 денари за водење судски постапки во однос на стечаите. Да напоменам дека беа ратификувани и три меѓународни конвенции во делот на јавните служби кои беа основа и за нашето позиционирање при преговорите, вклучително и за Законот за вработени во јавните служби и Законот за административни службеници. Ваквите активности околу работното законодавство, околу колективното договарање ќе ги следиме и натаму, а она што очекувам е да ги доусогласиме нашите ставови и околу потпишувањето на ОКД за јавен сектор.

Оваа година испраќаме силна порака до сите надлежни институции, органи, организации и социјални партнери дека нашата борба ќе ја фокусираме уште поодговорно и посветено во поглед на обезбедување на сигурни работни места, во поглед на безбедни работни места, за што ќе реализираме низа активности. Во периодот кој не очекува ќе настојуваме да ги поттикнеме неорганизираните работници да се зачленат во синдикат, и на тој начин да им пружиме колективна заштита, а со нашето вклучување во националните програми за поттикнување на вработувањето да обезбедиме поповолна атмосфера за поттикнување на вработувањето и реализација на веќе започнатите проекти и програми, особено за вработување на младите. Во РМ мора да се развива и да се поттикнува заедничкиот дух помеѓу социјалните партнери околу договор за крупните и стратешки прашања кои ќе овозможат понатамошен напредок на РМ и во ЕУ интеграциите.

Ја користам можноста и на овој начин на сите работници и граѓани да им го честитам Први мај– Меѓународниот ден на трудот.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc