РАБОТНА ПОСЕТА НА РАКОВОДСТВОТО НА ССМ ВО АД „ЕДИНСТВО“ СТРУМИЦА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

15.04.2014

15.04.2014-foto1Слика 1: Посета на раководството на ССМ во производствениот погон на фабриката

Во рамките на Програмата за посети на претпријатијата и остварување работни средби со членовите на социјалните партнери, претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, д-р Живко Митревски и претседателот на Синдикат на работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија на Република Македонија, Анѓелко Анѓелковски, воедно и секретар на ССМ, денеска ја посетија фабриката за производство на конфекција АД „Единство“ во Струмица.

На денешната средба претседателот Митревски разговараше со директорот на фабриката г. Димитар Поповски околу измени и дополнувањата на колективниот договор за работниците од текстилната индустрија, како и начинот на имплементација и примена на новиот Општ колективен договор за приватен сектор од областа на стопанството.

Претседателот Митревски даде посебен осврт на ратификуваната Конвенцијата 94 на МОТ. Оваа конвенција е од посебен интерес, бидејќи таа преставува основен инструмент за тоа како да се интегрираат социјалните аспекти во јавните договори и јавните набавки. Конвенцијата 94 предвидува трудови и социјални клаузули во јавните договори, додаде Митревски.

Ова значи дека право на учество во јавните тендери ќе имаат само претпријатијата кои работат регуларно: имаат синдикално организирање, исплатуваат плати на вработените, ги плаќаат придонесите на вработените, и сите други обврски кон државата, односно ги исполнуваат сите законски норми. Целта е да се ограничи можноста да се користи социјалниот дампинг како алатка за да се конкурира во областа на јавните набавки, со што ќе се отфрли нелојалната конкуренција. Ова во изминатиот период значеше дека на јавните тендери работата ја добиваа компании без вработени, кои после како подизведувачи ги ангажираа големите компании. Со еден збор, новите прописи би ставиле крај на шпекулациите и корупцијата во јавните набавки и тендери.

15.04.2014-foto2Слика 2: Раководството на ССМ со директорот на АД „Единство“ Струмица, г. Димитар Поповски

Фабриката е основана уште во далечната 1966 година и во неа денес работат околу 250 работници. Производството е исклучиво за извоз во Англија и тоа службен програм- производство на воени и полициски униформи и студентски програм- униформи за ученици и студенти, истакна директорот на фабриката за конфекција г. Поповски.

АД „Единство“ е реномирана фабрика за конфекција препознатлива на светскиот пазар, со високото ниво на општествена одговорност за вработените, примената на колективните договори, редовни исплати на плати, надоместоци и додатоци.

Со тоа оваа фабрика претставува пример за развиен социјален дијалог во својот сектор.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc