25-ТА СИНДИКАЛНА ШКОЛА НА СИНДИКАТОТ НА УПОЗ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

13.03.2014

13.03.2014-foto3Обраќање на претседателот Митревски на 25-тата синдикална школа на УПОЗ

На 13.03.2014 година во хотел Цар Самоил – Струмица се одржа 25-тата синдикална школа на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ). Школата ја отвори претседателот на УПОЗ Пецо Груевски, а свое обраќање имаше и претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, д-р Живко Митревски, кој посебно се задржа на активностите кои ССМ ги имаше по однос на Законот за административни службеници и Законот за вработените од јавниот сектор.

Претседателот Митревски ги запозна присутните со активностите во делот на унапредувањето на работното законодавство, потенцирајќи ги промените во 2013 година, како и ратификацијата на трите темелни конвенции: Конвенција за трудова администрација бр. 150, Конвенција за работни односи (јавна служба) бр. 151 и Препорака за работни односи (јавна служба) бр. 159, кои беа основа за водење на преговорите и прифаќање на забелешките на синдикатите од јавниот сектор во ССМ во врска со Законот за административни службеници и Законот за вработените од јавниот сектор.

13.03.2014-foto4Учесниците на синдикалната школа на УПОЗ

Активности на ССМ во врска со текстот на предлог - законите

Поаѓајќи од значењето на материјата која што ја регулираат, Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници (Сл. весник бр. 27/2014), Сојузот на синдикатите на Македонија сериозно пристапи кон разгледување и анализирање на предложените текстови на наведените закони.

Согласно со заклучокот на Претседателството на ССМ од седница одржана на 23.12.2013 година, Претседателот на ССМ и сите Претседатели на синдикатите здружени во ССМ од јавниот сектор остварија средба со Министерот за информатичко општество и администрација на која беа разгледани предлог-измените на законите. На средбата беше договорено забелешките од синдикатите да се достават во писмена форма до МИОА.
Во истиот контекст беше одржана уште една средба во МИОА на 02.01.2014 година.

Согласно договореното на средбите со министерот на МИОА, свои предлози и забелешки до МИОА доставија:

  • Сојузот на синдикатите на Македонија;
  • Синдикат на работниците од шумарството дрвната индустрија и енергетика на Р.Македонија бр. 03-00 од 08.01.2014 година;
  • Самостоен синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Р. Македонија бр. 0301-6/1 од 09.01.2014 година;
  • Македонски полициски синдикат бр. 0302-004 од 03.01.2014 година;
  • Синдикат на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на Р. Македонија бр. 0306-1 од 08.01.2014 година и
  • Синдикатот на одбраната и безбедноста бр. 0306-8/10 од 08.01.2014 година.

Во врска забелешките доставени од страна на синдикатите по однос на двата предлог закони беа организирани преговорите во МИОА на 10.01.2014 година, а согласно договореното на оваа средба, на 11.01.2014 година одвоени средби во МИОА имаа претставниците од МПС, СОБ и СУТКОЗ, додека Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Р.Македонија имаше средба со МИОА на 13.01.2014 на која ги изнесоа своите предлог забелешки.

Врз основа на писмените предлог- забелешки и водените разговори на состаноците помеѓу ССМ и синдикатите здружени во ССМ од јавниот сектор со Министерството за информатичко општество и администрација, министерот Ивановски прифати поголем број на забелешки за кои изработи соодветни амандмани за измена на Предлог Законот за административни службеници и Предлог- Законот за вработените во јавниот сектор.
Како позначајни ги издвојуваме следните измени во законите кои беа направени на предлог на ССМ.

Постигната е клучна согласност во одредбите од предлог-законите да се додаде дека прашањата од работен однос на административните службеници се уредуваат покрај со законите и со колективните договори. Ова е особено важно затоа што КД се акти кои ги потпишуваат синдикатите како претставници на работниците и на кои и во Уставот на РМ им е дадена еднаква правна важност како и на законите кога се работи за регулирање на работно правната положба на работниците.

Исто така создавањето на услови за регулирање на работните односи на администрацијата со КД е во согласност со Конвенцијата за трудова администрација бр. 150, Конвенцијата за работни односи (јавна служба) бр. 151 и Препораката за работните односи (јавна служба) бр. 159 кои беа ратификувани во РМ на предлог на ССМ. Имплементирањето на конвенциите и препораката во наведените закони преставува прилагодување на домашното законодавство со европското и со меѓународните трудови стандарди и претставува значаен услов за евроинтеграциските процеси на РМ.
(чл. 4 Закон за административни службеници и чл. 3, 24, 25 и 26 од Закон за вработените во јавниот сектор).

Усвоен е предлогот на синдикатите да се намали учеството на оценката на претпоставениот во вкупната оценка на ефектот на административните службеници, од 75% на 65% и на тој начин да се зголеми учеството на колегите, соработниците, односно странките на административниот службеник и да се намали можноста за субјективност и тенденциозност во оценувањето.

(чл. 65 став 5, Закон за административни службеници)

На предлог на синдикатите во делот на оценувањето на ефектот на административните службеници, заради поголема транспарентност на постапката, да учествува и претставникот на синдикатот, уредено е при спроведувањето на оценувањето од страна на четири други административни службеници да се формира комисија која го спроведува оценувањето, и во која еден член е претставникот на синдикат, во оние институции во кои постојат и се организирани синдикати.

(чл. 65 став 10, Закон за административни службеници)

За да се избегнат можностите за субјективизам при утврдување на висината на наградата на административните службеници за кои годишната оценка е „особено се истакнува“ на барање на синдикатите постигнат е договор наместо предложеното решение бонус во висина „до една плата“, да се уреди дека бонусот ќе биде во висина „на последно исплатената плата”.

(чл. 68 став 1, Закон за административни службеници)

На барање на синдикатите дополнителни отстапки се направени во поглед на износот и времетраењето на намалувањето на плата за слаб учинок. Имено, прифатен е предлогот на синдикатот процентуалното зафаќање во платата, за службениците кои делумно задоволуваат, од 30% да се намали на 20%, односно за останатите најниско оценети службеници, од 20% на 10%. Истовремено, времетраењето на периодот во кој се намалува платата, од една година, се скратува на шест месеци.

(чл. 68 став 2, Закон за административни службеници)

Исто така, договорено е, претставник на синдикалните организации, во оние институции во кои постојат синдикати, да учествува и во комисиите кои ги спроведуваат дисциплинските постапки за дисциплински престап.

(чл. 76 став 3, Закон за административни службеници)

На крајот на обраќањето претседателот Митревски зборуваше и за предизвиците со кои се соочува синдикалното движење посебно за опкружувањето, каде што во работното законодавство има драстично намалување на работничките права, што не е и случај за Република Македонија, благодарение на стратегијата за развивање на социјален дијалог. Истовремено, претседателот им го честиташе јубилејот на одржувањето на 25-тата синдикална школа и доделувањето на наградите и плакети на дел од учесниците.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc