ИЗВЕШТАЈ ЗА АКТИВНОСТИТЕ НА ССМ ВО ПЕРИОДОТ ПОМЕЃУ ДВАТА СОСТАНОЦИ НА РСС „СОЛИДАРНОСТ“ (од април 2013 до февруари 2014)

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

07.03.2014

На 27 и 28.02.2014 година во Терме Тухељ, Тухељске Топлице беше одржан состанок на Регионалниот синдикален совет „Солидарност“. На средбата присуствуваше Сојузот на синдикатите на Македонија како и синдикатите од земјите од регионот Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Словенија. Во рамките на оваа средба предвидена беше е и посебна програма за млади синдикалци.

На состанокот земјите од регионот ги презентираа измените во работното и социјалното законодавство во период од помеѓу двата состанока на РСС „Солидарност“ од април 2013 до февруари 2014 година.
Сојузот на синдикатите на Македонија ја презентираше правната заштита, најновите измени на работното законодавство, националниот акциски план за вработување на младите 2015 од кои произлегоа и најновите мерки за вработување на младите од 18 до 29 години.

Во продолжение се оригиналните текстови презентирани и објаснети од старана на ССМ на состанокот на РСС „Солидарност“

Дадена правна заштита на Сојузот на синдикатите на Македонија

Сојузот на синдикатите на Македонија согласно своите статутарни определби обезбедува бесплатна правна заштита на работничките права за своето членство.

Во текот на 2013 година во Сојузот на синдикатите на Македонија се евидентирани 3.633 обраќања за заштита на правата од работен однос, што споредено со 2012 година преставува зголемување за 844 обраќања.

Број на обраќања по поодделни правни основи

Најголем број обраќања се по основ на:

  • неисплатени плати, придонеси и надоместоци – вкупно 2119 обраќања,
  • отказ од деловни причини – 689,
  • права во стечајна постапка – 200 обраќања ,
  • синдикални права – 171,
  • променети договори за вработување -153 и
  • прекувремена работа- 124 обраќања .


Преземени дејствија

  • Дадени се -1596 совети
  • Изготвени се -267 мислења
  • Изготвени се- 611 барања
  • Приговори – 565
  • Тужбени барања -99
  • Водени се 347 расправи
  • Добиени се 360 пресуди
  • Спогодби 58
  • Жалби 286
  • Предлози за извршување 147
  • Стечајни постапки 323 – издвоени 1.623.960,00 денари


Доколку сите овие наведени правни дејствија работниците би ги презеле приватно, преку адвокати потребно би било да се издвојат повеќе од 17.841.094,00 денари.

Закон за работни односи

Во текот на 2013 година направени се 4 измени на Законот за работни односи. Се работи за измени и дополнувања објавени во: Сл. весник бр. 13 , Сл. весник 25, Сл. весник бр. 170 и Сл. весник бр. 187.
Измените на фундаменталниот закон за правата од работен однос на работниците се направени по пат на социјален дијалог и со учество на социјалните партнери преку Економско социјалниот совет.

1. Измените на законот објавени во Сл. весник бр. 13 беа донесени на директна иницијатива на ССМ и имаа за цел да обезбедат целосна заштита од дискриминација на работничките по основ на бременост , раѓање и родителство.

ССМ се заложи за целосна забрана на сите видови и облици на дискриминација заради бременост , раѓање и родителство што се однесува на пристапот на вработување , условите за работа , правата од работен однос и откажување на договорот за вработување на работничките кои се наоѓаат во состојба на бременост или кои користат права кои произлегуваат од раѓање и родителство .

Залагајќи се за регулирање на овие одредби во ЗРО , ССМ најдиректно презема мерки и активности за имплементирање на Конвенцијата за заштита на мајчинството , која исто така беше ратификувана во РМ на иницијатива и барање на ССМ .

2. Измената на ЗРО објавена во Сл. весник бр. 25 е во насока на допрецизирање на одделни одредби на законот кои поради својата недореченост предизвикуваа различна правна практика при нивната примена .

  • Во таа смисла направени се измени во одредбата со која се регулираат јавните огласи односно со измената е предвидено дека работодавачот покрај другите посебни услови е должен да го наведе почетокот и завршетокот на дневното и неделното работно време , распоредот на работното време и паричниот износ на основната плата за работното место за кое се бара работникот . Оваа измена поддржана од ССМ ќе обезбеди поголема сигурност и заштита на правата на работниците кои на овој начин ќе бидат транспарентно и целосно информирани за основните услови за работа , како и за најзначајното право од работниот однос - паричниот износ на основната плата .
  • Со измените на ЗРО уредена е одредба со која се обезбедува заштита на работниците од нивна злоупотреба или манипулација при спогодбените откази на договорите за вработување , па така со овие измени на законот спогодбата за престанок на работниот однос треба да содржи своерачен потпис со целосно име и презиме на работникот и своерачно напишан датум на престанок на работниот однос и од работникот .
  • Залагајќи се за оваа измена на законот ССМ смета дека на овој начин ќе се обезбеди директна заштита на работниците од во практиката присутната појава на постоење на предвремени бланко спогодбени откази.
  • Со измените на законот воведена е обврска за работодавачите точно да го наведат почетокот и завршетокот на работното време во договорите за неполно работно време и за склучените договори со неполно работно време еднаш месечно да известат во државниот инспекторат за труд .
  • Воведена е обврска за работодавачот за секоја прекувремена работа предходно писмено да го извести подрачниот државен инспекторат за труд.
  • Измените на законот предвидуваат прецизирање на правата , а со тоа и обезбедуваат поголема заштита и сигурност на сезонските работници.
  • Особено се значајни измените на законот со кои се обезбедува заштита на непријавените работници . Со овие измени на законот се предвидени поголеми ингеренции на инспекторот на труд во заштитата на непријавените работници со цел да се мотивираат работодавачите да склучуваат договори за вработување со работниците и истите да ги пријавуваат во фондовите за задолжително социјално осигурување .Имено со законските измени предвидено е инспекторот на труд при затекнување на напријавени работници ,да го задолжи работодавачот да заснова работен однос на неопределено време со непријавените работници со тоа што во наредните 3 месеци работодавачот не смее да го намалува бројот на вработените. Исто така инспекторот може да го казни работодавачот , да поведе прекршочна постапка под услови предвидени со законот или да донесе забрана за работа во работната просторија во траење од 30 дена .Посебно е значајно тоа што законот пропишува дека за време на забраната за работа овие работодавачи се должни на работниците да им исплатуваат надоместок на плата во висина од 70% и придонеси од плата и за време на забраната работодавачот не смее да го намали бројот на вработените .

3. Измени објавени во Сл. весник бр. 170 /2013 се донесени во насока на дорегулирање на роковите за застареност за покренување и водење на постапка за утврдување на одговорност кај отказите на договорите за вработување од причини на вина на работниците .

Во врска со првичниот предлог за зголемување на роковите за застареност при отказите на работниците , ставот на ССМ беше дека предложен е предолг рок на застареност и не е направено разграничување по однос на застареноста на отказот од лични причини и од причини на вина .
На барање Сојузот на синдикати на Македонија во врска со предлогот на Владата , беше одржана седница на Економско – социјалниот совет и на
предлог на синдикатите рокот на застареност кај отказите од лични причини на работниците не се промени , а со законските измени се регулираше рокот на застареност кај отказите по вина на работниците кој се до овие измени не беше регулиран во законот . Исто така на барање на синдикатите и во овој случај кај отказите по основ на вина на работниците, првично предложените рокови од страна на Владата беа намалени.

4. Со измената објавена во Сл. весник бр. 187 , воведена е одредба 170-а со која се регулира правото на неплатено родителско отсуство до 3 месеци во период до навршување на тригодишна возраст на детето , во најмалку 3 дела , заради грижа за детето.

Во повеќе европски држави, покрај платеното отсуство поради бременост, раѓање и родителство, утврдено е и право на родителско отсуство поради грижа за детето и поминување на одреден период со детето во текот на неговиот развој до одредена возраст.

Родителското отсуство не треба да се поистоветува со правото по основ на раѓање и мајчинство, кое е задолжително и платено отсуство. Утврдување на родителско отсуство по завршување на отсуството поради бременост, раѓање и родителство е дополнително право кое се предвидува со цел да се учествува во негата и одгледувањето на детето до одредена возраст.

Закон за вработените во јавниот сектор( Сл. весник бр. 27/2014) и Закон за административни службеници (Сл. весник бр. 27/2014)

  • Активности на Синдикатите здружени во ССМ по однос на двата предлог закони

Согласно со заклучокот на Претседателството на ССМ од 35-тата седница одржана на 23.12.2013 година, Претседателот на ССМ д-р Живко Митревски договори средба со Министерот за информатичко општество и администрација на која беа поканети сите Претседатели на синдикатите здружени во ССМ од јавниот сектор со допис бр.0703-6/1 од 02.01.2014 година.

На средбата која се одржа во Министерството за информатичко општество и администрација, од Претседателите на синдикатите здружени во ССМ од јавниот сектор беа образложени предлог-измените и забелешките по овие два предлог –Закони при што беше договорено забелешките од синдикатите да се достават во писмена форма до МИОА. На средбата во МИОА одржана на 02.01.2014 година иако уредно поканети не присуствуваа Претседателите на синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски и Претседателот на СРСВМ Миќо Стојановски, а исто така по сите барања доставени од страна на ССМ до УПОЗ и СРСВМ за присуство на седниците(состаноците), Претседателот на УПОЗ писмено се обраќаше до ССМ, и не прифаќаше учество во средби и доставување на предлози и забелешки, а Претседателот на СРСВМ не достави никаков одговор.

Во врска со договореното од средбата одржана на 02.01.2014 година доставено е Известување и барање за доставување на забелешки по однос на Предлог-Законот за вработените во јавниот сектор и Предлог-Законот за административните службеници бр.03-06/8 од 03.01.2014 година. Истото е доставено до сите синдикати здружени во ССМ од јавниот сектор со кое е побарано писмените забелешки по однос на Предлог-законите да се достават најдоцна до 08.01.2014 година до Сојузот на синдикатите на Македонија и Министерството за информатичко општество и администрација. По ова известување и барање свои предлози и забелешки до ССМ и до МИОА доставија Синдикат на работниците од шумарството дрвната индустрија и енергетика на Р.Македонија бр. 03-00 од 08.01.2014 година, Самостоен синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Р. Македонија бр. 0301-6/1 од 09.01.2014 година, Македонски полициски синдикат бр. 0302-004 од 03.01.2014 година, Синдикат на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на Р.Македонија бр. 0306-1 од 08.01.2014 година и Синдикатот на одбраната и безбедноста бр. 0306-8/10 од 08.01.2014 година.

Сојузот на синдикатите на Македонија до синдикатите здружени во ССМ од јавниот сектор достави и Известување за средба во МИОА во врска Забелешките доставени од страна на синдикатите по однос на двата предлог закони бр.0306-8/11 од 08.01.2014 година за продолжување на преговорите во МИОА на 10.01.2014 година, а согласно договореното на оваа средба на 11.01.2014 година, одвоени средби во МИОА имаа претставниците МПС,СОБ и СУТКОЗ, а додека Самостоен синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Р.Македонија имаше средба со МИОА на 13.01.2014 на која ги изнесоа своите предлог забелешки.

Врз основа на писмените предлог – забелешки и водените разговори на состаноците помеѓу ССМ и синдикатите здружени во ССМ од јавниот сектор со Министерството за информатичко општество и администрација, Министерот за Информатичко општество и администрација прифати поголем број на забелешки за кои изработи соодветни амандмани за измена на Предлог Законот за административни службеници и Предлог- Законот за вработените во Јавниот сектор.

Постигната е клучна согласност одредбите од предлог-законите да се допрецизираат и доуредат со колективните договори. Дополнително, во делот на оценувањето на административните службеници, заради поголема транспарентност на постапката, се формира комисија која го спроведува оценувањето, и во која учествува и административен службеник, претставник на синдикалните организации, во оние институции во кои постојат синдикати. Исто така, договорено е, претставник на синдикалните организации, во оние институции во кои постојат синдикати, да учествува и во комисиите кои ги спроведуваат дисциплински постапки за дисциплински престап.

„Усвоен е и предлогот на синдикатите да се намали учеството на оценката на претпоставениот во вкупната оценка од 75 на 65%, и на тој начин да се зголеми учеството на колегите, соработниците, односно странките на административниот службеник, со што би се намалила субјективноста во оценувањето”.

Постигнат е и договор за начинот на кој ќе се врши наградувањето на административните службеници кои особено се истакнале во својата работа, кои ќе добијат бонус во висина „на последно исплатената плата”, со што се надминува можноста од субјективност при определувањето на висината на наградата, затоа што основното решение предвидуваше бонус во висина „до една плата”.
„Исто така, дополнителни отстапки се направени во поглед на износот и времетраењето на намалувањето на плата за слаб учинок. Имено, процентуалното зафаќање во платата, за службениците кои делумно задоволуваат, од 30% се намалува на 20%, односно за останатите најниско оценети службеници, од 20% на 10%. Истовремено, времетраењето на периодот во кој се намалува платата, од една година, се скратува на шест месеци“ за сите овие прифатени предлози и забелешки беше одржана заедничка прес -конференција на ССМ, КСС и МИОА на која беа образложени договорените измини и дополнувања по овие два Предлог – Закони.

Конвенции и препораки

ССМ продолжи со својата практика на покренување на иницијативи преку Економско-социјалниот совет, за ратификување на значајни меѓународни конвенции, па така на предлог на синдикатите беа ратификувани: Конвенција за работните односи (јавна служба) бр.151; Препорака за работните односи (јавна служба) бр.159; Конвенцијата бр.154 за колективно договарање.

Ова е една од најзначајните активности на синдикатот во евроинтеграциските процеси на државата со која ССМ ќе продолжи и во наредниот период.

Колективно договарање

ОКД
Врз основа на континуираното следење на примената на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството во практиката , неговите потписници , ССМ и ОРМ ,во текот на оваа година покренаа иницијатива за негова измена и дополнување.
Се водеше конструктивен и аргументиран дијалог од двете страни за усогласување на ставовите за измените и дополнувања на ОКД кој резултираше со потпишување на Спогодба за измени и дополнување на ОКД ( Сл. весник бр. 189/2013 )
Со потпишувањето на спогодбата , се постигнаа значајни резултати и придобивки за колективното договарање , социјалниот дијалог ,како и за унапредување на работничките права
Најзначајна измена содржана во Спогодбата е тоа што се уреди правото на регрес за годишен одмор на работниците во висина од најмалку 40 % од просечната месечна нето плата по работник во РМ исплатена во последните 3 месеци
Во ЗРО од 2005 година ( Сл. весник бр. 62/2005 г ) при утврдувањето на видот на надоместување на трошоците поврзани со работата не е предвидено правото на надомест на трошоци за годишен одмор .
Се до потпишувањето на денешната спогодба,ова право не беше прецизно уредено што предизвика губење на ова право , затоа што висината на регресот требаше да се утврди со колективен договор на ниво на дејност за да може работниците да го остварат ова свое право, во спротивно правото на регрес остануваше само како право напишано и предвидено во ОКД , но реално неостварливо за голем број работници .
Практиката покажа дека во претпријатијата каде не постои синдикално организирање и колективно договарање работниците не се во можност да го остварат ова право.
Со оваа спогодба ССМ низ аргументиран дијалог со работодавачите го обезбеди ова право за сите вработени во приватниот сектор од областа на стопанството, на тој начин што ја утврди висината на регресот во ОКД кој согласно ЗРО е обврзувачки за сите работници и работодавачи .
Исто така со спогодбата е утврдено дека на ниво на работодавач, синдикатот избира или именува претставник за информирање и консултирање, а исто така утврдено е дека претставникот за безбедност и здравје при работа го избираат вработените од своите редови, на синдикален собир на мнозинскиот синдикат, по предлог на синдикатот.
Согласно Законот за заштита од вознемирување на работно место, со Спогодбата за измени и дополнувања на ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството утврдено е: (Забранет е кој било вид на вознемирување на работно место .Работникот има право на заштита од вознемирување на работно место .Случаите на забрана на психичко вознемирување на работно место се утврдуваат согласно закон и колективен договор).

Национален акциски план за вработување на младите - 2015

На 17 октомври 2012 г., Владата донесе тригодишен акциски план за промовирање на повеќе и подобри работни места за младите на возраст 15-29 години, а при изготвувањето на акцискиот план беа вклучени и социјалните партнери. Националниот акциски план за вработување на младите (НАПВМ) се фокусира на:

  • зајакнување на политиките за вработување,
  • вклучувајќи програми за образование,
  • обука и млади, со цел подобрување на можностите за вработување и
  • социјално вклучување.

Планот е усогласен со Националната стратегија за вработување на Република Македонија 2015, каде што младите претставуваат посебна целна група.
Ефективните политики за образование и обука промовираат можности за вработување на младите и го намалуваат јазот во вештините. НАПВМ, заедно со Националната програма за развој на образованието 2005- 2015, бара усогласување на системите за образование и обука со потребите на пазарот на трудот. Акцентот се става на реформата на наставните планови за стручното образование и обука, со цел да се опфатат нестручните вештини и учењето засновано на работа. Понатаму, со НАПВМ се бара воведување образование за кариера во средните училишта, како и подобрување на услугите на Агенцијата за вработување во делот на насочувањето за кариера.

Од АВРМ се бара и воспоставување на систем за рано профилирање на невработените млади, со цел да се утврдат младите под ризик да се соочат со повеќе пречки на пазарот на трудот. Владата ги поддржува програмите за обука за пазарот на трудот за невработените млади, а со НАПВМ се утврдува цел, 60 проценти од овие млади да бидат вработени во рок од шест месеци по завршувањето на обуката.

Финансирањето на таквите програми секако претставува проблем, и со цел да се реши недостигот на соодветно финансирање на активните политики за пазарот на трудот (АППТ), со НАПВМ се бара дел од приходите од осигурувањето во случај на невработеност да се пренасочат кон финансирање на АППТ насочени кон младите. Иако голем дел од горенаведените одредби се насочени кон страната на понудата на пазарот на трудот, во НАПВМ се зема предвид и улогата на приватниот сектор во отворањето работни места и вработувањето на младите работници. Една од одредбите на НАПВМ е зголемување на инвестициите во економските сектори и претпријатија со големо влијание врз вработувањето на младите со обезбедување кредити и други услуги за развој на претпријатија. Со НАПВМ, исто така, се бара проширување на даночните олеснувања за претпријатијата што вработуваат нови лица, предвидени со член 98 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност на претпријатијата што вработуваат млади лица во приоритетните сектори.

Во контекст на ова, во текот на месец февруари 2014 година преку измени и дополнувања на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност и на Законот за пензиското и инвалидското осигурување се овозможи вработување на млади до 29 години што значи дека работодавците од приватниот сектор што ќе вработат млади лица до 29 години, евидентирани како невработени во Агенцијата за вработување, ќе бидат ослободени од плаќање социјални придонеси во првата година,
Мерката ќе трае две години со можност за продолжување во зависност од постигнатите резултати. Целна група се сите млади невработени лица до 29 години. Според статистиката на Агенцијата за вработување, се работи за 45.000 лица, од кои 25.000 активно бараат работа, а другите пасивно.
Работодавачот ќе биде ослободен од плаќање придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, за здравствено осигурување и за осигурување во случај на невработеност. Ослободувањето ќе биде за период од 12 месеци со обврска работодавецот да го задржи на работа лицето уште една година. Ова се однесува само на основицата од просечната плата. Ако работодавачот исплати нето плата повисока од просечната плата ќе треба да си изврши доплата на социјалните придонеси на разликата од просечната плата до исплатената плата .

Освен од социјалните придонеси, работодавецот ќе биде ослободен и од плаќање персонален данок на доход за тоа лице, можност што постои како законско решение.

Исто така предвидени се и три нови мерки за вработување кои ќе опфатат 1670 невработени лица, а тоа се :

1. Програмата за практиканство се планира да бидат опфатени млади невработени лица до 29 годишна возраст (активни баратели на работа) кои имаат завршено најмалку средно образование, преку нивно вклучување во програми за практиканство за период од три месеци. За спроведување на оваа програма, ќе се исплаќаат по 6.200 денари за лице месечно со вклучен персонален данок на доход и осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување.

За Програмата за практиканство веќе е распишан оглас со кој што ќе се обезбеди поддршка за евидентирани невработени лица до 29 годишна возраст, за истите да се стекнат со одредени практични знаења и вештини.

2. Програмата- Обука кај познат работодавач којашто има за цел на евидентираните невработени лица да им се обезбеди определено ниво на знаења и вештини за работодавач, кој има утврдено определени потреби за работни места. Со обуката се овозможува стекнување и дополнување на знаењата и вештини на евидентираните невработени лица заради нивно полесно вработување.

Со обуката ќе се опфатат невработени лица со основно и средно образование и вештини блиски на потребите на работодавачот. Подготовката за вработување трае до три месеци, со обврска работодавачот да вработи најмалку 50% од вклучените лица во обуката и да не го намали бројот на вработените на неопределено време во рок од 6 месеци. Висината на паричната помош на невработено лице, односно работникот вклучен во подготовката изнесува 5,700.00 денари месечно плус надоместување на трошоците на работодавачот за менторство и обука.

3. Програма- Обука за задоволување на побаруваните занимања на пазарот на трудот

Во мерката Обука кај познат работодавач учествувале 7278 лица, а се постигнати 6591 вработување, во мерката Обука за задоволување на побаруваните занимања на пазарот на трудот учествувале 1036, а се вработиле 491 лице, и во мерката практиканство учествувале 1295, а е вработиле 759 лица.
За овие три мерки за 2014 година планирано е да се опфатат 1670 невработени лица кои полесно ќе дојдат до работа.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc