Одржана прес конференција на двата репрезентативни синдикати ССМ и КСС со Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

 21.01.2014

21.01.2014-foto1Претседателот Митревски на денешната прес конференција

Денес во Сојузот на синдикатите на Македонија се одржа прес конференција на која присуствуваа Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, Претседателот на ССМ, д-р Живко Митревски и В.Д. Претседателката на КСС, Виолетка Спасевска. На прес конференцијата исто така присуствуваа и Претседателот на Македонскиот полициски синдикат, Тихомир Климовски, Претседателот на самостојниот синдикат за енергетика и стопанство, Роберт Симоноски, Претседателот на самостојниот синдикат на здравство, фармација и социјална заштита, Љубиша Каранфиловски и Претседателот на синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање, Павел Трендафилов.

На прес конференцијата претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), д-р Живко Митревски, истакна дека со предвидената динамика платите ќе растат побрзо од трошоците на живот кои се зголемени за 3,3%. Исто така беше истакнато дека на барање на Сојузот на синдикатите на Македонија се постигна согласнот за зголемување на минималната плата и во итна постапка ќе бидат донесени измени и дополнувања на Законот за минимална плата, со што истата ќе биде етапно зголемена, а започнувајќи од март 2014 година минималната плата ќе изнесува 8.800 денари, што значи зголемување од 9,32%. Во март 2015 година износот на минималната плата ќе биде зголемен за 8,98% што истата ќе изнесува 9.590 денари, за во март 2016 година минималната плата да биде повисока за 25,22% од сегашната и ќе изнесува 10.080 денари, додека пак во секторите текстил, кожа и чевли во 2016 година ќе имаат зголемување од 31,21%, а во 2018, кога ќе се изедначат со другите вработени, платата ќе им биде за 46,96% поголема од таа што ја примале во 2012 година кога почна примената на Законот за минимална плата.

Претседателот на ССМ, Живко Митревски, истакна дека на почетокот на исплатата на минималната плата отстапување од законски утврдената сума било забележано кај 15% од работниците, а за да се избегнат овие појави договорено е во контролата на исплата на платите да се вклучат и синдикалците во фирмите, а со тоа и најави и потпишување на Протокол со Министерството за труд и социјална политика.

Измените на Законот за минимална плата со кои се предвидува етапно зголемување на најниските примања во државата до 10.080 денари се веќе изготвени и за седум дена ќе ги разгледува Економско-социјалниот совет, истакна министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Она што беше потенцирано од Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, Претседателот на ССМ, д-р Живко Митревски и В.Д. Претседателката на КСС, Виолетка Спасевска е дека работодавачите ќе бидат обврзани да ја зголемат минималната плата, за што ќе следат контроли бидејќи социјалните партнери се цврсто посветени овој Закон да се применува целосно.

Од страна на Претседателот на ССМ уште еднаш беше потенцирано дека зголемувањето на минималната плата компарирано со периодот пред нејзиното донесување кога платите се движеа од 4.500-5.500 денари е огромна придобивка на синдикалното движење.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc