Усогласени повеќе одредби за предлог-административните закони помеѓу ССМ, КСС и Министерството за информатичко општество и администрација

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

 

15.01.2014

Синдикатите од Јавниот сектор здружени во ССМ (Македонски полициски синдикат со претседателот Тихомир Климовски воедно и потпретседател на синдикатите за јавен сектор и Синдикатот за здравство, фармација и социјална заштита претседател Љубиша Каранфиловски) предводени од претседателот на ССМ д-р Живко Митревски денес остварија нова работна средба со Министерството за информатичко општество и администрација.

15.01.2014-foto1Работна средба - ССМ и претставници на синдикатите од јавен сектор во Министерството за информатичко општество и администрација

 

На состанокот беа разгледувани предлозите на синдикатите по однос на Предлог-Законот за административни службеници и Предлог-Законот за вработените во јавен сектор.

Како што соопшти министерот Иво Ивановски, постигната е согласност да се даде можност определени одредби од предлог-законите да се допрецизираат и доуредат со колективните договори. Дополнително, во делот на оценувањето на административните службеници, заради поголема транспарентност на постапката, се формира комисија која го спроведува оценувањето, и во која учествува и административен службеник, претставник на синдикалните организации, во оние институции во кои постојат синдикати. Исто така, договорено е, претставник на синдикалните организации, во оние институции во кои постојат синдикати, да учествува и во комисиите кои ги спроведуваат дисциплински постапки за дисциплински престап.

„Усвоен е и предлогот на синдикатите да се намали учеството на оценката на претпоставениот во вкупната оценка од 75 на 65%, и на тој начин да се зголеми учеството на колегите, соработниците, односно странките на административниот службеник, со што би се намалила субјективноста во оценувањето” - рече министерот Ивановски.

Тој напомена дека е постигнат и договор за начинот на кој ќе се врши наградувањето на административните службеници кои особено се истакнале во својата работа, кои ќе добијат бонус во висина „на последно исплатената плата”, со што се надминува можноста од субјективност при определувањето на висината на наградата, затоа што основното решение предвидуваше бонус во висина „до една плата”.

„Исто така, дополнителни отстапки се направени во поглед на износот и времетраењето на намалувањето на плата за слаб учинок. Имено, процентуалното зафаќање во платата, за службениците кои делумно задоволуваат, од 30% се намалува на 20%, односно за останатите најниско оценети службеници, од 20% на 10%. Истовремено, времетраењето на периодот во кој се намалува платата, од една година, се скратува на шест месеци“- потенцира Ивановски.

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Живко Митревски, потврди дека нивните предлози и забелешки се прифатени во најголем дел по однос на двата предлог-закона.

„Со прифаќањето на предлогот синдикален претставник да учествува во постапката за оценување на работата на административните службеници, како и со учеството на синдикатот во дисциплинската постапка, веќе можеме да зборуваме за транспарентен процес кој ќе ги анулира субјективните моменти“- додаде Митревски.

Синдикатите од јавниот сектор здружени во ССМ преку прифаќањето на предлозите и забелешки по однос на законите уште еднаш докажаа и покажаа дека ги остваруваат своите цели во заштита на правата и интересите на своето членство.

Синдикатите од Јавниот сектор здружени во ССМ уште еднаш докажаа дека нема неединство во синдикатите, а дека неучеството во преговорите на претседателот на синдикатот на УПОЗ на РМ е лоша проценка која не е во интерес на членството.

Останува фактот, дека преговарањето и социјалниот дијалог е незаменлива алатка на социјалните партнери а посебно на синдикатите во остварувањето на интересите на членството.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc