МИНИМАЛЕЦОТ ДА РАСТЕ ЗАЕДНО СО ТРОШОЦИТЕ ЗА ЖИВОТОТ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

14.01.2014

Интервју на претседателот на ССМ д-р Живко Митревски
весник- Нова Македонија, 14.01.2014 година

ССМ бара измени во Законот за минимална плата

 

Промена на начинот на пресметка на минималната плата правопропорционално со трошоците на животот бара Сојузот на синдикатите на Македонија. Сегашниот начин на пресметка не ги вклучува инфлацијата и порастот на цените на производите, што, според синдикалците, може негативно да се одрази на стандардот на граѓаните што примаат минимална плата.

  • Минималната плата треба редовно да се приспособува за да се одржи куповната моќ на засегнатите работници, особено во услови на зголемување на цените, за да се избегнат поголеми потреси на економијата. При утврдувањето на минималната плата, мора да се има предвид дека индексот на потрошувачки цени (ИПЦ) ги одразува цените за просечниот потрошувач. При брзо зголемување на цените на храната, кај ИПЦ се потценува зголемувањето на цените на стоките и услугите што ги купуваат примателите на минимална плата - вели Живко Митревски, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).

Од синдикатот додаваат дека при пресметување на минималецот треба да се вклучат и други елементи, како границата на сиромаштија. Според постојниот закон, минималната плата се пресметува како процент од просечната бруто-плата во Македонија (39,6 отсто) и изнесува 8.050 денари, или 131 евро.

  • Ваквиот начин на пресметка се покажува како недоволен, бидејќи не го овозможува посакуваното зголемување на минималната плата. Наместо секоја година минималната плата да го следи зголемувањето на цените и на трошоците на животот, се случува спротивното. Вредноста на минималната плата се обезвреднува и се намалува куповната моќ на вработените што ја примаат оваа плата. Немаме критериуми на приспособување што ги имаат земјите во Европа и во регионот - истакнуваат од синдикатот.

Пораст на просечните плати

Законот за минимална плата се применува две години, а во синдикатот не ја исклучуваат можноста и понатаму во одредени компании тој да не се почитува.

  • Има тврдења дека постојат работодавци што сакаат да го заобиколат законот и затоа сметаме дека треба да зајакнат капацитетите на трудовата инспекција. Со законот ги зголемивме просечните плати во секторите со најниски примања, а со колективните договори утврдивме и повисоки минимални плати - додава Митревски.

Синдикалците сметаат дека зголемувањето на минималецот е можно ако се земат предвид последните показатели за економските движења во државата. Порастот на бруто-домашниот производ во трите квартали од минатата година, со 2,9, 3,9 и 3,3 отсто, според синдикатите, укажува дека земјата полека излегува од економската криза.

  • И во време на најголема криза, покрај намалувањето на реалните просечни плати, половина од земјите ги зголемија минималните плати во 2009 година, вклучувајќи ја и Русија. Целта е да се спречи намалување на куповната моќ на најниско платените работници за време на криза, што придонесува за излез од неа. Затоа ССМ заедно со социјалните партнери во законот треба да направи одредени измени - истакнуваат од синдикатот.

Поголема куповна моќ

Извештаите на Државниот завод за статистика во последниве месеци покажуваат пораст во повеќе индустриски области. Индустриското производство во периодот јануари-ноември 2013 година, во однос на истиот периодот 2012 година, изнесува 2,6 отсто, а регистриран е и пораст на бројот на работниците во индустријата. Овие економски показатели, како и најавите за зголемување на странските директни инвестиции и намалување на невработеноста, се дел од причините поради кои синдикатот смета дека има простор за пораст на минималната плата.

  • Мораме да почнеме да размислуваме и да се бориме платите да не ја губат вредноста. Порастот на платите да не биде резултат само на продуктивноста туку примањата да растат со порастот на цените и трошоците на животот. Треба да напоменеме дека повисоките плати и подобрата куповна моќ на населението придонесуваат за пораст на домашната потрошувачка и на економијата во државата - додаде Митревски.

И стопанствениците бараат повисок минималец

Претставниците на Стопанската комора на северозападна Македонија од Министерството за труд и социјална политика пред истекот на 2013 година побараа минималната плата од 8.050 денари да се зголеми на 20.000 денари.

  • Бараме приближување до реалните потреби на граѓаните. Минималната плата е толку ниска што со неа не може да се преживее. Време е нешто да се направи на ова поле, бидејќи минималната плата прави нереална слика за состојбите. Доколку сме реални, ќе признаеме дека никој не може да преживее со минималецот - рече претседателот на комората Мендерес Кучи.

Ставот го застапуваат сите членови на комората, а претседателот посочи дека 20 илјади денари е плата што членките веќе им ја исплаќаат на вработените.

Минимална плата/во евра

  • Македонија 131€
  • Албанија 147€
  • Бугарија 154€
  • Босна и Херцеговина 163€
  • Србија 184€
  • Хрватска 395€
  • Словенија 592€
  • Грција 443€

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc